Утрински Весник
Свет

(ВИДЕО) Немири во Полска, земјоделци во Варшава ја нападнаа полицијата со камења и шишиња

1.webp.webp

Полските фармери денеска се судрија со полицијата која употреби солзавец на протестот пред парламентот во Варшава. Илјадници земјоделци се собраа во полската престолнина, палејќи гуми и фрлајќи пиротехнички средства, барајќи прекин на евтиниот увоз и еколошките регулативи за кои тврдат дека го загрозуваат нивниот бизнис.

„Поради физичка агресија на дел од демонстрантите врз полицајците, неопходно беше да се применат директни присилни мерки. Однесувањето кое ја загрозува безбедноста на нашите полицајци, вклучително и фрлањето камења кон нив, не може да се сфати лесно и бара цврста и решителен одговор“, напиша варшавската полиција на платформата Х.

Од полицијата додаваат дека се повредени неколку полицајци, а десет лица се уапсени.

Локалните медиуми објавија снимки од неколку демонстранти кои се обиделе насилно да влезат на територијата на парламентот, пред полицијата да ги спречи во тоа. Претходно денеска, дел од демонстрантите носеа, а потоа запалија ковчег со натпис: „земјоделец, живеел 20 години, убиен од зелениот план“.

Демонстрантите ја окупираа улицата пред кабинетот на премиерот и свиреа пред да тргнат кон парламентот. Полската телевизија прикажа снимка од трактори на влезот во Варшава кои го блокираат патот кон центарот на градот, како и блокади низ целата земја.

Земјоделците ширум Европската унија бараат укинување на ограничувањата од Зелениот план наменет за борба против климатските промени, како и воведување царини за увоз на земјоделски производи од Украина, укинати по руската инвазија.

Ова создава деликатна ситуација за владата на Доналд Туск во година кога ја чекаат локални и европски избори и во која се обидува да одговори на барањата на земјоделците, но и да ја задржи поддршката за Киев.

Земјоделците кои го исполнија ветувањето дека ќе се вратат во Варшава, откако пред една недела дел од нив маршираа низ главниот град, ги поддржува најголемиот синдикат во земјава НСЗЗ Солидарност, како и ловџиите и шумарите.

Туск тврди дека нарушувањата на пазарот не се предизвикани само од производите од Украина, туку и од Русија и Белорусија. Во понеделник тој најави дека Полска ќе побара од ЕУ да го забрани увозот од тие две земји, а ги покани земјоделците на состанок во сабота.

Можете да прочитате

Осумгодишно девојче и нејзиниот татко се тешко ранети во престрелка во Лондон

Путин забрани посвојување руски деца од граѓани на земји каде промената на полот е законски дозволена

Се урна авион во Костарика: петмина мртви, една жена се бори за живот