Сведоци сме на историја испишана со храброст и одлучност, каде што македонските жени не само што биле учесници, туку биле и клучни стожери во создавањето на подобро општество, рече генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски во обраќањето на Осмомартовскиот марш кој денеска се одржа во Кавадарци.
-Со огромна чест чекорев со вас. Привилегијата е моја и горд сум дека тоа не е само денеска и не е само тука. Чекорењето со вас, рамо до рамо е секогаш и секаде. Во сите битки и предизвици. И за тоа – ви благодарам! Вашата решителност, посветеност и искрена желба за сигурна и стабилна иднина е силата на СДСМ. Тоа беспрекорно чувство за визионерски државотворни одлуки се суштината и во нашето заедничко социјалдемократско делување. Денеска, јас сум само еден од вас, ние заедно оддаваме почит за силата на жената – социјалдемократка, за нејзиното историско револуционерно и партизанско наследство. Оддаваме почит и на постојаната борба за подобро утре, за Европска Македонија!, рече Зечевиќ.
Оваа сила и храброст, покажана во револуционерната борба на НОБ се фундамент на нашата денешна борба за еднаквост и правда, за европски вредности, за градење политики и создавање иднина, додаде тој.
-Единство, солидарност и потсетување дека борбата за родова еднаквост оди рака под рака со пошироката борба за правда и слобода, со борбата за подобро утре. Ако нивната борба беше за слобода, нашата политичка борба е за европска иднина. Духот на антифашистичката борба и придонесите на Македонките во НОБ нека нѐ инспирираат да создадеме модерно европско општество, рамо до рамо со државотворните европски народи. Единствен начин за подобра македонска иднина е полноправно членство во Европската унија, рече Зечевиќ
Генералниот секретар повика секогаш кога “говориме за херојството, дадените жртви и постигнатите победи да се потсетиме и на нашите секојдневни хероини”, жените кои секој ден ги среќаваме, дома, на работа, во училиште, насекаде, потенцираше Зечевиќ.