Утрински Весник
Македонија

Во Ротимље одбележана 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата

26022024 vrsm 5.jpg

Со положување свежо цвеќе на спомен-обележјето во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, денеска беше одбележана 20-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски, членовите на делегацијата и екипажот на авионот.

На спомен-обележјето кај Ротимље каде што се случи несреќата, свежо цвеќе положија и претставници од владината делегација составена од: министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање, полковник Билјана Блажеска, претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, пратеници од македонското собрание, како и претставници од Армијата на Република Северна Македонија, ЕУФОР-БиХ.

Од име на Владата на Република Северна Македонија, а во чест и спомен на поранешниот претседател Борис Трајковски, пригодно обраќање имаше шефот на делегацијата, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

„Oва спомен-обележје не е само паметник на трагичниот миг. Ова е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината. Денес нашата земја е членка на НАТО и на дофат ѝ е членството во Европската Унија. Визијата на Трајковски ме остава во уверување дека и сега тој не би се двоумел што е најисправно да се направи иако и самиот тој знаел дека луѓето со визија се осудени да бидат подоцна разбрани”, рече министерката Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање.

Пред спомен-обележјето, заедно со македонската делегација почит оддадоа и високи претставници од Босна и Херцеговина и од градот Мостар.

На денешен ден, 26 февруари 2004 година, во авионска несреќа загинаа поранешниот претседател Борис Трајковски и осумчлената делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија: портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

Можете да прочитате

Токсична прашина во Битола, Обвинителството отвори предмет

Министерството за локална самоуправа со швајцарска поддршка набави ИТ опрема за Центрите за развој на планските региони

СДСМ: Тошковски да не ги штити неговите началници – за трагедијата во Кочани мора да има одговорност