Утрински Весник
Свет

ЕУ усвои нови рестриктивни мерки поврзани со руската агресија врз Украина, меѓу санкционираните и компании од трети земји 

20240223114737 Big 730x400 89.webp.webp

Советот на ЕУ денеска донесе одлука за продолжување за уште шест месеци, до 31 јули 2024 година, на рестриктивните мерки кон физички и правни лица поврзани со руските активности што ја дестабилизираат состојбата во Украина, како и за додавање на четворица поединци и еден субјект на листата на санкционирани поради непочитување на човековите права во Русија, јави дописникот на МИА од Брисел.

Рестриктивните мерки за дестабилизација на Украина беа воведени во јули 2014 година по руската окупација и анексија на украинскиот полуостров Крим, а беа значително проширени во февруари 2022 година како одговор на неиспровоцираната, неоправдана и незаконска воена агресија на Русија врз оваа земја. Од стартот на руската инвазија врз Украина пред речиси две година, па досега, ЕУ воведе 12 пакети санкции.

Тие во моментов опфаќаат широк спектар на мерки, како ограничувања во сферата на трговијата, финансиите, индустријата и транспортот, забрана за тргување со технологија и производи со двојна намена и луксузни стоки и за увоз или трансфер во ЕУ на руска нафта и одредени нафтени деривати, како и суспензија на радиодифузните активности и лиценците на некои медиуми, кои Кремљ ги користи за ширење дезинформации и пропаганда.

Покрај конкретните санкции, беа воведени и механизми за зајакнување на способноста на ЕУ да се спротивстави на кршењето или заобиколувањето на рестриктивните мерки.

– Се додека Руската Федерација со незаконски дејствија продолжуваат да ја крши забраната за употреба на сила, што претставува сериозно прекршување на обврските според меѓународното право, соодветно е да останат во сила сите мерки воведени од ЕУ и да се преземат дополнителни, доколку е потребно, се додава во соопштението на Европскиот совет.

Во заклучоците на Европскиот совет, усвоени на Самитот минатиот месец, беше повторена осудата на руската агресија врз Украина, како очигледно кршење на Повелбата на ОН и беше потенцирана „непоколебливата поддршка на Унијата за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и нејзиното право на самоодбрана од руската агресија“.

Дополнително, Советот на ЕУ денеска реши на листата на Глобалниот режим на санкции на ЕУ за непочитување на човекови права да додаде уште четири лица и еден субјект, поради „континуираното влошување на состојбата со човековите права во Русија“.

На листата се додадени тројца вработени во рускиот судски систем одговорни за „сериозни прекршувања на човековите права“ во врска со апсењето на опозицискиот политичар, активист за демократија и критичар на Кремљ, Владимир Кара-Мурза.

Меѓу санкционираните вклучена на листата се и Лигата за безбеден интернет и нејзината претседателка Екатерина Мизулина. Станува збор за субјект кој и помага на руската Влада во спроведувањето на практиките на цензура и е одговорен за сериозни и систематски злоупотреби на слободата на мислење и изразување.

На опфатените со режимот на санкции им се замрзнува целиот имот во ЕУ, а на поединци или субјекти им се забранува директно или индиректно да има обезбедуваат или ставаат на користење средства или други економски ресурси. Дополнително, на физичките лица им се воведува и забрана за патување во ЕУ.

Во соопштението се посочува дека ЕУ силно го осудува сериозното проширување на рестриктивното законодавство и систематската репресија врз граѓанското општество и заштитниците на човековите права во Русија, како и несмалената репресија врз независните медиуми и новинари, припадниците на политичката опозиција и другите критичари на властите.

– ЕУ ја повикува Русија веднаш и безусловно да ги ослободи сите лица затворени врз основа на политички мотивирани обвиненија. ЕУ најостро ја осудува политички мотивираната пресуда на московскиот Суд со која Владимир Кара-Мурза е осуден на 25 години затвор, се додава во соопштението.

Можете да прочитате

Боксерскиот тренер на Самоа почина во Олимпиското село во Париз

Холанѓанец осуден за силување дете доби дозвола да се натпреварува на Олимпијадата

Бројот на загинати Палестинци во денешниот израелски воздушен напад за искачи на најмалку 30