Утрински Весник
Спорт

Македонија вечерва против Естонија во „Кале“ тргнува на пат за евробаскетот во 2025

Makedonska Kosarkarska Rep.jpg

Кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва (19 ч.) против соодветната селекција на Естонија во СРЦ „Кале“ ќе ги почне квалификациите во групата „Х“ за пласман на ЕП 2025. Покрај Македонија и Естонија во групата се и селекциите на Литванија и на ко-домаќинот на наредниот Евробаскет, селекцијата на Полска, која има обезбеден настап на завршницата и во овој циклус ќе игра вон конкуренција. Фаворит во група за обезбедување пласман на завршницата покрај Полска е селекцијата на Литванија, а за третиот патник на континенталниот собир од овој состав со меѓусебна пресметка ќе ја почнат битката македонската и естонската селекција. Еден од нашите најдобри кошаркари во моментов, Ненад Димитријевиќ пред мечот во Скопје бара подршка и трпение да се изоди успешно овој квалификациски пат. -Ги знаеме квалитетите на Естонија, тоа силна екипа со евролигашки кошаркари, но мислам дека ќе бидеме подготвени. Не сакаме притисокот да биде само врз денешниот меч бидејќи потоа следуваат уште пет натпревари. Знаеме дека е важно да се сочува домашниот терен и ќе сториме се да извојуваме победа. Очекувањата од навивачите прават притисок и малку се нереални. Живееме во други времиња, ние сме друга генерација и мислам дека навивачите треба да направат атмосфера која ќе ја почувствуваме како поддршка, изјави Димитријевиќ, кој денеска го прославува 26. роденден. Како увертира на вечерашната средба, синоќа се одигра и првиот меч од групата „Х“. Во Вилнус, Литванија со 83:64 ја совлада Полска, нашиот нареден ривал во овие квалификации. Македонија в понеделник ќе го одигра и вториот меч од овој квалификациски циклус и тоа на гости против Полска.

Можете да прочитате

И второто злато на ОИ 2024 за Кина

Ѓуретановиќ не го исплива неговото најдобро време на Олимпијадата во Париз

Кинеската стрелачка репрезентација го освои првиот златен медал на Олимпијадата 2024