Поранешниот француски претседател Никола Саркози беше прогласен за виновен пред Апелациониот суд за незаконско финансирање на неговата кампања за реизбор во 2012 година, потврдувајќи ја претходната одлука на понискиот суд. Тој доби една година затвор, од кои шест месеци условно, што значи дека казната би можел да ја отслужи со носење електронска алка место да оди во затвор. Саркози беше осуден на една година затвор во 2021 година, но таа казна беше прекината откако поднесе жалба. Саркози беше претседател од 2007 до 2012 година и покрај низата судења и истраги поврзани со финансирањето на претседателската кампања, тој останува влијателна личност меѓу конзервативците. Тој е во пријателски односи и со актуелниот претседател Емануел Макрон. Тој отсекогаш категорично ги негирал обвинувањата дека неговата конзервативна Републиканска партија, тогаш позната како УМП (Сојуз за народното движење), соработувала со фирмата за односи со јавноста Бигмалион за да ја прикрие вистинската цена на неговата изборна кампања обележана со раскошни настани, досега невидени во француската политика.
На суд, тој ја префрли вината на некои членови на тимот што ја водеше неговата кампања. -Не избрав ниту еден добавувач, не потпишав ниту една понуда, ниту една фактура, тврдеше Саркози на сослушувањата. Франција има строги правила за трошење на пари во кампањата. Обвинителите тврдат дека компанијата наместо во кампањата испраќала фактури до УМП. Тие тврдат дека Саркози за изборната кампања во 2012 година потрошил 42,8 милиони евра, речиси двојно повеќе од дозволеното.