Поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска на социјалните мрежи објави честитка по повод 152 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
„Гоце Делчев е симбол на неуморната борба за правдата, еднаквоста и слободата. Неговите лик и дело остануваат вечна инспирација за сите нас, потсетувајќи нè на значењето на храброста, жртвата и непоколебливоста во борбата за национални идеали и вредности. Великанот Делчев е втемелен како неприкосновен водич за нашата заедничка обврска – да ја чуваме и негуваме татковината, да ја интегрираме во цивилизираниот и напреден свет – како дел од НАТО, во сојуз со демократските земји и дел од ЕУ, таму каде што природно припаѓаме, во европското семејство.
Во тој дух се неговите зборови искажани во Преспа, во далечната 1901 година: „Македонија им припаѓа на сите Македонци, без разлика на религијата, нацијата и јазиците, во утрешна слободна Македонија и преку неа ќе се здружат сите балкански народи“ Нека овој ден ни биде потсетник на нашата заедничка обврска да градиме општество во кое владеат мир, правда и почитување на човековите права и слободи. Нека несебичната посветеност на Делчев кон идеалите на слободата ни послужи како водич во нашите секојдневни напори за постигнување на праведно, просперитетно и европско општество. Нека му е вечна слава!“, напиша Спасовски.