-За 16 лица ќе бидат изготвени кривични пријави, а во моментот 7 од нив се уапсени, од кои 6 во државата и едно во Шпанија. Криминалната група транспортирала кокаин од Јужна Америка во Европа и во Македонија и вршела убиства и одмазди, објави Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на прес-конференција.
-Со поддршка на Европол и во соработка со полиции на неколку држави денеска е извршена полициска акција против лица кои биле инволвирани во трговија со дрога и вмешани во убиства, рече Спасовски, објаснувајќи дека акцијата е извршена во координација со Јавното обвинителство. Станува збор за група против која биле спроведена повеќемесечна истрага, според кои докази од ноември 2019 до март 2021 година на територијата на Македонија 47-годишниот Ш.М. од Грчец, заедно со сега починатите О.Б. и Ј.К. организирале криминална група која вршела убиства и одмазди поради користољубие.
„Имале планови кој и каде да биде лишен од живот. Оваа група делувала на меѓународно ниво и организирала набавка на кокаин од Јужна Америка, кој го пренесувале во Европа, а еден дел во земјава“, рече Спасовски посочувајќи два големи транспорти на кокаин, од кои еден со количина од 430 кг кокаин транспортиран до пристаниште во Белгија.
„Дел од количината требала да заврши во Македонија. Имале уште еден транспорт до Холандија со слична тежина. Организирале и неколку транспорти до Македонија и до Албанија. Во една прилика 6 кг се транспортирале од Белгија до Македонија, како и други транспорти. Оваа група се стекнала со големи пари кои ги инвестирале во луксузни куќи, угостителски објекти и друг имот. Обезбедени се докази дека Ш.М. извршиле убиство на лице од Бардовци, потоа убиство на албански државјанин, а потоа и убиства во Скопје на А.Б. и Б.Б.“, рече Спасовски.
Во текот на денешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава против 16 лица, рече министерот, наведувајќи иницијали на лицата од криминалната група и појасувајќи дека шест лица се уапсени од македонската полиција, едно лице Р.С. (42) во Шпанија, а останатите се гонат во соработка со меѓународна полициска помош.
Спасовски рече дека во наредниот период ќе се приберат докази и за други кривични дела сторени од овие лица. Кај уапсените лица пронајдени се големи суми на пари, луксузни автомобили и други вредни предмети.
„Ќе бидете изненадени од имињата кои ќе ги слушнете во наредниот период, има и лица од МВР и од други институции“, рече Спасовски нагласувајќи дека МВР е решително во справувањето со криминалот и дека за тоа постои и политичка волја.