Сопственикот на миленикот е должен да му обезбеди ветеринарна помош и нега, но за тоа не може да отсуствува од работа. Една партија од Нови Сад бара да се промени тоа.
Политичката партија Истина бара да се воведе право на боледување и грижа за домашните миленици. Од партијата потсетуваат дека секој сопственик на домашно милениче со закон е обврзан навремено да обезбеди ветеринарна помош и нега доколку животното е болно. Во спротивно, казната би изнесувала до 50.000 динари.
– Сопствениците на домашните миленици често се наоѓаат во ситуација кога треба да изберат дали да платат казна и да го загрозат животот на својот миленик или да добијат отказ доколку не се појават на работа поради тоа. Ваквата неусогласеност на прописите им го отежнува животот на граѓаните и е целосно неприфатлива во правична и законски регулирана држава – се наведува во соопштението.
Претседателката на оваа новосадска партија, Ивана Вујасин, оценува дека граѓаните се соочуваат со огромни економски предизвици и дека поради ова, лекувањето на домашните миленици може да биде многу скапо.
– Наша обврска е да им го олесниме животот на граѓаните и многу работи да ги поевтиниме и да ги направиме подостапни, а не луѓето да имаат дилема дали да изберат парична казна или отказ. Таква дилема не смее да постои и нашата цел е модерна и уредна Србија каде што граѓанинот ќе биде заштитен – вели Вујасин.
Затоа, една од работите за која се залага нејзината партија не е само либерализација на режимот на боледување, туку и некои третмани и терапии за домашните миленици да бидат покриени со здравствено осигурување.
– Треба да се грижиме за нивната благосостојба, но и да се грижиме за работните обврски и како општество потребно е тоа да се усогласи законски и да се најде баланс меѓу овие два важни аспекти од општественото живеење – заклучува Вујасин.
Од оваа партија нагласуваат дека способноста за грижа за животните е знак на високо ниво на емпатија, која може да се прошири и на човечката заедница.
Извор: Nova.rs