Министерката за одбрана Славјанка Петровска и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, проф. д-р Биљана Ангелова денеска во Ректоратот на Универзитетот го потпишаа Меморандумот за соработка кој има за цел да ја зацврсти и унапреди веќе воспоставената соработка и да овозможи развој на идниот кадар кој ќе продолжи да ја развива одбраната и безбедноста.
„Образованието е темелот врз кој ги градиме идните генерации, но и го развиваме општеството во сите сфери создавајќи иднина. Потпишувањето на Меморандумот за соработка ќе ја зацврсти и интензивира и досега добрата соработка помеѓу Министерството и различни факултети, а ќе биде и добра основа за нови облици за соработка кои досега не сме ги применувале”, рече министерката.
Петровска истакна дека овој Меморандум предвидува можност за стекнување практично искуство за студентите кои ќе можат да ги посетуваат обуките на еден од Регионалните центри за справување со дезинформации и односи со јавност кој наскоро се очекува да ја добие и НАТО акредитацијата, а вратите остануваат отворени и за можност за практична настава на студентите и на организирање на различни облици на доедукација на вработените во Министерството.
Придобивките од овој Меморандум, рече министерката, се бројни и за двете страни и изрази очекување неговата имплементација да започне многу скоро.
Ректорката Ангелова порача дека со потпишувањето на Меморандумот се отвора едно широко поле на соработка кое ќе има влијание врз општеството и студентите.
„Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ како најголем и најстар Универзитет на нашата држава ги покрива сите научни подрачја, капацитетите и ресурсите со кои што располагаме можат да придонесат во развојот на одбраната и потребите на Министерството за одбрана и обратно. Она што ќе ни го пружи Министерството за одбрана е во насока на практична работа за нашите студенти и вработување на најдобрите студенти од различни научни подрачја, со оглед на ширината на активности кои ги има ова Министерство, можноста да се учествува на научни конференции, семинари, обучни центри за наши вработени, за наши студенти, и тоа отвора огромно поле на соработка”, рече Ангелова.
Меморандумот опфаќа повеќе форми на соработка помеѓу двете институции, вклучувајќи давање на препораки за вработување на најдобрите студенти од УКИМ во областите од интерес на одбраната, стипендирање на студенти од критични специјалности, како и промоција на воената професија на студентите на Универзитетот.