Долниот дом на Италија денеска го ратификуваше договорот меѓу Италија и Албанија за формирање два прифатни центри за мигранти, кои би биле лоцирани на албанска територија. Тие прифатни центри ќе служат за обработка на податоци и барања за азил на мигрантите и раселените лица спасени на море од италијанските власти.
Пратениците го усвоија законот за ратификација со 155 гласа „за“, 115 „против“ и двајца воздржани, а законот сега се префрла во Сенатот на конечно одобрување. Договорот, потпишан од италијанскaта премиерка Џорџа Мелони и нејзиниот албански колега Еди Рама во Рим во ноември, предвидува прием на до 3.000 мигранти и бегалци месечно, пишува Анса.
Од договорот се исклучени лицата со посебни потреби, како што се постарите, децата или бремените жени, мигрантите и бегалците спасени од бродови на невладини организации и луѓето кои слетале директно на италијанска почва. Во декември, албанскиот Уставен суд ја суспендираше ратификацијата на договорот во парламентот на земјата, додека Рама изјави дека договорот не содржи ништо незаконско и дека очекува позитивен исход пред истекот на рокот за конечно склучување на договорот во март.
Откако ја презеде функцијата во есента 2022 година, владата на премиерот Мелони се сврте кон трети земји во обид да го намали товарот на нерегуларната морска миграција во Италија, која се зголеми за околу 50 отсто во 2023 година во споредба со 2022 година.