Од ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение повторија дека остануваат на ставот да предложат министри и заменици за техничката влада, без да го гласаат техничкиот премиер Талат Џафери.
-Остануваме на ставот дека нема да гласаме за составот на Влада, а на СДСМ е дали ќе одбере да ги почитуваат законите или ќе ги крши, со што ги открива намерите за загрозување на изборниот процес, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Правото не познава предлози за министри со „празно место”, велат од ВМРО-ДПМНЕ, Владата не се гласа поединечно, туку во целина.
Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски вчера во изјава за медиумите рече местата кои со закон и следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.
Тој го повика идниот мандатар Талат Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри.
-Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Во светот не постои искуство и пример политичка партија да учествува во влада, а притоа да не ја поддржи таа влада.
Постојат примери во кои политичка партија не учествува во влада, ама ја поддржува. Меѓутоа, не постои пример политичка партија да земе учество во влада, а да не гласа за владата.
Затоа, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно закон, исто како и сите други политички партии кои се повикани да имаат министри во техничката влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа влада.
Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи влада во кои тие места ќе бидат испразнети, и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои им следуваат, рече Ковачевски.