Во резолуцијата усвоена денеска, членовите на Европскиот парламент изразија сериозна загриженост за натамошната ерозија на демократијата, владеењето на правото и основните права во Унгарија, истовремено поставувајќи го прашањето дали земјата ќе може да ги исполни своите должности како претседавач со ЕУ, известуваат агенциите.
На 1 јули Унгарија од Белгија треба да го преземе шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ.
Европратениците предупредија дека должноста претседател на Европскиот совет, доколку таа позиција биде испразнета, ќе падне на премиерот на Унгарија, за време на ротирачкото претседавање со ЕУ на таа земја.
Имено, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, неодамна најави дека ќе биде кандидат за изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни и дека ќе ја напушти сегашната функција во јули, пред истекот на мандатот.
Во светло на ова, европратениците бараат од Советот да најде решение за да се ограничат ризиците и се залагаат за реформа на процесот на одлучување во Советот, со цел да се стави крај на злоупотребата на правото на вето и уцените, објави Европскиот парламент.
Во резолуцијата, Парламентот ги осудува намерните, постојани и систематски напори на унгарската влада да ги поткопува основачките вредности на ЕУ.
Во резолуцијата, европратениците изразија посебна загриженост за неодамна усвоениот пакет „за заштита на националниот суверенитет“ на Унгарија, кој го споредуваат со рускиот закон за странски агенти.
Парламентот, исто така, изрази жалење за одлуката на Европската комисија да и ослободи до 10,2 милијарди евра од претходно замрзнатите средства за Будимпешта, иако Унгарија не ги спроведе сите барани реформи.