Вечерва, со почеток во 20 часот, во рамки на третото издание на Скопскиот поетски фестивал, ќе се одржи интернационалното поетско читање на кое ќе настапат Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта), Лана Деркач (Хрватска), Мартин Глаз Серуп (Данска), Драгослав Дедовиќ (Србија), Ален Брлек (Хрватска) и Николина Андова Шопова. По што следува соло концерт на гитара на Александар Бошков, со што ќе биде затворена програмата.
Последниот фестивалски ден ќе започе со неколку настани по следниов редослед: час по утринска јога со поетска медитација воден од Марија Георгиева, што започна во 09:30 часот во Паркот на франкофонијата.
Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје со почеток од 11:00 часот ќе се одржи настанот Оut & About: панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство преку преводи и учество на книжевни фестивали. Искуствата ќе споделат Тодорче Тасевски (директор на „Струшките вечери на поезијата“), Владимир Јанковски (уредник на издавачката куќа „Готен“), Дејан Трајковски (директор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“), Билјана Црвенковска (преведувана авторка и уредник на издавачката куќа „Чудна шума“) и Петар Андоновски (преведуван автор).
Потоа, во 18:00 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, ќе се одржи промоција на „Избор из савремене македонске поезије“, приредила и препеала на српски – Валентина Бакти. Промоцијата ќе се состои од поетски перформанс и кус разговор со преведувачката и со Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур, а со поетско читање ќе настапат и дел од застапените поети во изданието. Во рамки на проектот ќе биде отворена и изложба на фотографии од Радмила Ванкоска (портрети на поетите застапени во изданието). Потем од 19:00 часот ќе бидат емитувани неколку куси поетски филмови, еден режиран од Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур (Србија) и омнибус четири анимирани филмови НЕБИДНИНА, посветени на поезијата на Ацо Шопов, во режија на Жарко Иванов, Крсте Господиновски, Иван Ивановски и Владимир Лукаш.
Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и „Традуки“, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (HDP), Данската фондација за уметност, ПНВ Публикации и „Бест Вестерн Хотел Турист“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а медиумски партнер е „Култура Бета“.