Утрински Весник
Култура

„Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски влезе во селекција за Европските филмски награди

„Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски влезе во селекција за Европските филмски награди

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, кој неодамна ја имаше својата светската премиера на филмскиот фестивал во Венеција, влезе во групата на филмови кои ја комплетираат овогодинешната селекција за 36 издание на Европските филмски награди, соопшти денеска Европската филмска академија (ЕФА).

dobivaj vesti na viber

Кон крајот на август, најпрвин беа избрани 19 играни филмови, а сега во потесниот избор се додадени уште 21 филмски остварувања, па финалната селекција содржи 40 европски филмови од вкупно 31 европска држава.

Од денес, па се до 7 ноември членовите на Европската Филмска Академија ќе имаат можност да гласаат за избраните филмови, по што врз основа на гласовите, ќе бидат објавени номинациите во категориите: најдобар европски филм, режисер, актер, актерка, сценарист и европски документарен филм.

Избраните филмови дополнително ќе бидат земени во предвид и за наградите во категориите за најдобра кинематографија, монтажа, продукциски дизајн, костимографија, шминка и фризура, оригинална музика, звук и визуелни ефекти. Тие ќе бидат избрани од осумчлено жири составено од претставници на различни уметности и професиии.

Свеченото доделување на наградите, познати како европски Оскари, е закажано за 9 декември 2023 во Берлин.

На 80. издание на фестивалот во Венеција, „Домаќинство за почетници“ ја доби 17. „Queer Lion“ награда, во конкуренција од 16 филмови, меѓу кои и филмовите на Dog Man на Лук Бесон и Maestro на Бредли Купер, а филмот продуциран од Лист продукција – Скопје го отвори и 44 издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера, „Браќа Манаки“.

„Домаќинство за почетници“ е избран и за годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“, а во скопските кина ќе почне да се прикажува од 12. октомври.

Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, а преку компанијата „Focus Features“ ќе биде дистрибуриран на територијата на САД. Интернационален дистрибутер на филмот за останатите територии е „Universal Pictures“, додека продажните агенти на филмот „New Europe Film Sales“ од Полска ќе го застапуваат филмот на територија на југоисточна Европа.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“