Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, присуствуваше и се обрати на настан по повод интензивирањето на градежните работи за изведба на автопатот Прилеп – Битола, при што се изврши минирање. На настанот присуствуваа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, вршителот на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер, како и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, и оперативниот директор на „Бехтел“, Џош Бејкер.
„Со изведбата на овој патен правец ќе добиеме најмодерно автопатско решение во должина од 40 километри и со тоа практично ќе биде заокружена една голема градежна инфраструктурна офанзива во однос на нови модерни автопатишта во нашата држава. Како што знае јавноста, а знаат и граѓаните, во полн ек се изведуваат градежните работи на патните правци Градско – Прилеп, каде што пред само неколку дена имавме можност да го видиме пробивањето и на вториот тунел на Фаришка Клисура. Исто така, се одвиваат работите и на патниот правец што води кон Фаришка Клисура, што значи дека со завршувањето на сите овие патни правци, ќе имаме комплетно автопатско решение од Коридорот 10, исклучување кон Прилеп, Битола и патот кон Меџитлија кон грчката граница“, истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање на настанот додавајќи дека овие зафати на граѓаните од овој регион им биле ветувани со децении, но досега не биле реализирани.
„Ние докажавме дека она што го зборуваме и го правиме. Ние не сме Влада што прави стиропори, која прави жални врби во реката Вардар, туку сме Влада што инвестира во капитални проекти, кои ќе останат за генерации наши граѓани да може да имаат подобра патна инфраструктура.
Сите овие градежни работи претставуваат најголема инфраструктура и патна инвестиција во нашата држава. Се работи за инвестиција само на коридорот 8 и 10 д од 1,3 милијарда евра, меѓутоа и другите патни правци што ги поврзуваат. На пример, овој патен правец имаат исклучително висока вредност, може да зборуваме за капитални инвестиции од над 2 милијарди евра во модерна патна инфраструктура“, рече премиерот Ковачевски.
Притоа премиерот Ковачевски истакна дека во моментот во тек се саеми за работа на коридорите 8 и 10 д, а за кои најави дека ќе се организираат насекаде во државава.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на настанот, истакна дека градежните активности на терен добиваат своја динамика.
„Денеска, ова минирање подразбира дел од вкупниот процес за изградба на оваа патна врска меѓу Прилеп и Битола и сакам веднаш да потенцирам дека активностите се реализираат и побргу од очекувањето и планираната динамика.
Тоа е така затоа што имаме реномиран и искусен изведувач, затоа што сите институции што сме инволвирани во изградбата на автопатските делници на коридорите 8 и 10 д покажуваме подготвеност да одговориме брзо и ефикасно на сите постапки и процедури за реализација на овој крупен проект. На граѓаните од Прилеп, Битола, Могила, Новаци, Ресен им е потребен овој автопат.
Да го тргнеме настрана скептицизмот, на Пелагонискиот Регион му треба нов автопат, нови инвестиции, а изградбата на овој автопат е одговор на сите барања на граѓаните од овој регион“, потенцира министерот Бочварски.
На настанот се обрати и вршителот на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер.
„Регионалното поврзување и добрата инфраструктура се исклучително важни. Тие се една од нашите цели и знам дека се цел и на Владата на Северна Македонија. Во овој конкретен дел поврзувањето на градовите Битола и Прилеп со модерен и безбеден автопат е исклучително важно. Подобрувањето на патната инфраструктура во Северна Македонија е исто така клучно за економскиот развој. Модерната патна мрежа не само што ќе ја подобри поврзаноста, не само што ќе овозможи движење на луѓето и економијата, туку и ќе привлече инвестиции во Северна Македонија. Овие регионални интеграциски напори ќе ги зајакнат релациите меѓу соседите. Успешната имплементација на овие проекти носи бенефити не само за Северна Македонија туку и ќе се креираат работни места“, истакна вршителот на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер, изразувајќи благодарност на Владата и на „Бехтел и Енка“ за посветеноста во реализацијата на проектот.
„Сите заедно со денешното минирање и почетокот на изградбата на пристапните патишта сме дел од испишувањето нова историја во патната инфраструктура. На сите траси непречено се одвиваат и геомеханичките испитувања, а до проектната единица веќе се доставени инфраструктурни проекти за сите делници, освен за Требешништа – Струга – Ќафасан. Доставени се и елаборати за експропријација за Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, а се очекуваат и елаборатите и за Прилеп – Битола“, истакна директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, на денешниот настан.