Утрински Весник
Свет

(Видео) Маж од Мароко: Морав да изберам дали ќе го спасам син ми или родителите

(Видео) Маж од Мароко: Морав да изберам дали ќе го спасам син ми или родителите

Тајеб ани Игенбаз бил принуден да избере дали да го спаси својот 11-годишен син или неговите родители кога тие останале заробени под урнатините по разорниот земјотрес што го погоди Мароко.

dobivaj vesti na viber

Сточарот од мала заедница во планините Атлас вели дека е прогонуван од одлуката што морал да ја донесе.

Тајеб бил со сопругата, двете деца и родителите во петокот вечерта во својата мала камена куќа кога биле погодени од најсилниот земјотрес во Мароко во последните 60 години. Неговата куќа сега е руина.

Тој го однесе репортерот на Би-би-си до урнатините и покажа кон нив велејќи: „Тука беа“.

„Сè се случи толку бргу. Кога удри земјотресот, сите истрчавме до вратата. Тато спиеше, а јас ѝ викнав на мама да дојде, но таа остана да го чека“, се сеќава тој. Од другата страна ги видел само сопругата и ќерката.

Додека се враќал во урнатата зграда, Тајеб ги нашол и синот и родителите заробени под урнатините. Можел да ја види раката на синот како ѕирка низ урнатините. Знаел дека мора да дејствува бргу и се упатил во правец на својот син Адам очајно копајќи низ урнатините за да го извлече.

Кога се свртел кон своите родители, заробени под голема камена плоча, вели дека веќе било предоцна.

„Морав да изберам помеѓу моите родители и мојот син“, раскажа тој со солзи во очите.

„Не можев да им помогнам на моите родители бидејќи ѕидот падна над половина од нивните тела. Многу е тажно. Видов како моите родители умираат“, додава тој.

Тајеб ги покажува дамките на своите светли фармерки велејќи дека тоа е крвта на неговите родители. Целата облека му е во куќата, а поради земјотресот, не можел да се пресоблече. Семејството сега живее со роднините во импровизирани шатори во близина на поранешната куќа. Тајеб вели дека сите негови пари биле во куќата и повеќето од неговите кози умреле.

„Тоа е како повторно раѓање. Без родители, без куќа, без храна, без облека. Сега имам 50 години и морам да почнам одново“, додава тој.

Не може да размислува што да прави понатаму, но се сеќава на лекциите што ги научил од родителите: „Тие секогаш велеа „биди трпелив, работи напорно, никогаш не откажувај се“.

Додека тој разговараше со новинарот, пристигна син му Адам, облечен во дрес на Јувентус со името на Роналдо на грбот. Го гушна татка си.

„Татко ми ме спаси од смрт“, рече со насмевка.

Можете да прочитате

Мексиканците ќе бидат првите кои сами ќе избираат судии – повеќе од 34.000 кандидати за 881 судија

Пекинг со тврдење дека ниту САД ниту Кина нема да имаат корист од трговска војна

Русија ги брише талибанците од листата на терористи