Утрински Весник
Свет

„Пат на смртта“ – делницата каде што автомобилот удри во српскиот автобус со туристи не е надграден 50 години, а еден дел е особено опасен

„Пат на смртта“ – делницата каде што автомобилот удри во српскиот автобус со туристи не е надграден 50 години, а еден дел е особено опасен

Сообраќајната несреќа во која загинаа четири лица, а дури 53 се повредени, е резултат на невнимание на надлежните органи, кои треба да сносат одговорност, пишуваат грчките медиуми.

dobivaj vesti na viber

Несреќата се случи на 25 километри од граничниот премин Богородица, во близина на областа Поликастро.

Како што велат, оваа делница се нарекува „патот на смртта“, кој не е надграден од 1970 година.

На овој дел од патот невини луѓе постојано ги губат животите поради неговата лоша состојба, а никој не реагира, пишуваат грчките медиуми, пренесува „Блиц.рс“.

Тешката сообраќајна несреќа се случи утринава околу 7 часот, кога автомобил налета на автобус со нишка регистрација, во кој имало 78 патници. Тројца патници од автомобилот загинаа на лице место, а четвртиот веднаш бил пренесен во болница, но и покрај борбата на лекарите им подлегнал на повредите.

Откако автомобилот удрил во автобусот доаѓајќи од спротива, друг возило удрило во автомобилот, но сопатничката од Србија и детето во тој автомобил не се повредени. Автобусот и вториот автомобил паднале покрај патот, пришто автобусот се превртел.

Општинската власт низ која минува „патот на смртта“, повеќепати предупредуваше за овој пат поради неизбежни сообраќајни несреќи со смртни последици. Во едно од нејзините писма се наведува дека од отворањето на патот во 1970 година, односно повеќе од педесет години, овој пат не претрпел никакви надградби.

Првите 15 километри се најопасни

„Иако овој патен правец е централна копнена порта на државата низ која поминуваат околу 8.000.000 автомобили годишно, тој не е целосно развиен како оска со спецификации за автопат, бидејќи има само една сообраќајна лента. Првите 15 километри се најопасни, бидејќи во последните седумнаесет години се забележани 107 сообраќајни несреќи, што одговара на приближно 78 отсто од сите сообраќајни несреќи на овој патен правец. На овој петнаесеткилометарски пат животот го загубија 45 лица, а повеќе од 150 се тешко повредени, најмногу во верижни судири“ пишува грчкиот весник „Катимерини“.

На ваков опасен пат, оние кои влегуваат во Грција од Македонија, плаќаат патарина од 2017 година.

„Со други зборови ризикуваат да бидат убиени на беден пат за кој ни зборува цела Европа“, пишува „Катимерини“.

Овој дел многу возачи го сметаат за небезбеден, а средишниот дел на патот често се користи за заобиколување во двете насоки, додека побавните возила се движат во лентата за застанување за да направат место за оние кои брзаат.

Како што пишуваат грчките медиуми, „невини души испраќаме во смрт, како овие денес“.

Како што е соопштено, постои сомневање дека до несреќата дошло бидејќи возачот на автомобилот кој удрил во автобусот заспал. Во возилото имало четворица мажи – тројца Грци и еден Русин, кои тргнале на риболов кога трагично загинале.

Можете да прочитате

Независниот кандидат Калин Георгеску е најверојатно новиот претседател на Романија

Се урна товарен авион врз станбен кварт во близина на аеродромот во Вилнус

Блискиот исток, Украина и Трамп се на агендата на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7