Утрински Весник
Култура

Промоција на книгите „Цариградски емигрант“ и „Граница“ од Луан Старова во КИЦ на РСМ во Софија

Промоција на книгите „Цариградски емигрант“ и „Граница“ од Луан Старова во КИЦ на РСМ во Софија

На 7-ми септември 2023, ден пред Денот на независноста – 8-ми септември, во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија ќе се одржи промоцијата на книгите „Цариградски емигрант“ и „Граница“ од Луан Старова. За промоцијата на книгите од големиот македонски писател со албанско потекло ќе присуствуваат: издавачот Пламен Тотев, преведувачот Маријан Петров, како и семејството на писателот. Двете книги, во превод на бугарски јазик, излегоа од печат оваа година како изданија на издавачките куќи „Персеј“ и „Изида“.

dobivaj vesti na viber

Преку личниот расказ за едно семејство, големиот македонски писател со албанско потекло, Луан Старова (1941-2022) во својот роман „Цариградски емигрант“ ја раскажува приказната за Балканот, регион каде интересите на големите империи и цивилизации се судираат едни со други на грбот на народи со различни судбини. Така, книгата на уникатен начин ја прикажува универзалната тема за емиграцијата со расказ за едно од многуте семејства што го доживеале тоа.

„Цариградски емигрант“ е еден од последните романи во издание на Персеј, во превод на Маријан Петров. Припаѓа кон неговата повеќетомна „Балканска сага“, дел од книгите во кои се познати и бугарските читатели: („Балканвавилонци“, „Балкански клуч“, „Ервехе“, „ Амбасади“). Книгите од оваа сага се преведени на повеќе од дваесет јазици. За творештвото на Старова пишувале светски автори како Морис Друон, Ален Боске итн.

Преку приказната за егзилот на едно албанско семејство, серијата ја раскажува приказната за Балканот во еден од најтрагичните и највпечатливите периоди – ХХ век.

Во „Цариградски емигрант “ главен лик е Таткото (Ариф Старова), кој со години го чувал во тајност периодот кога студирал во Цариград помеѓу 1919 и 1924 година, времето на конечниот распад на Отоманската империја и периодот на создавање на нова Турција под водство на Ататурк. Потрагата по детали за тајниот период во животот на главниот лик е катализатор за истражувањето на синот-наратор, за да создаде возбудлив роман, заснован на вистински факти.

Од политички причини, таткото бил принуден да емигрира во Цариград со помош на неговиот вујко Али Фети Окјар, близок пријател на Ататурк во текот на сите одлучувачки битки за создавање на нова Турција, како негов прв премиер, претседател на парламентот и амбасадор на новата Турција во Франција и Велика Британија.

Таткото не одговара на поканата на Али Фети, ниту пак на Ататурк да им се придружи на новите ешалони на турската моќ. Наместо тоа, тој ненадејно се враќа во Албанија, каде што прво работи како судија, а потоа како адвокат во Поградец, а после пребегнува во Струга, Македонија, со своето семејство во 1943 година, спасувајќи се од фашизмот.

Пред својата смрт во 1943 година Али Фети Окјар му наредил на својот син, професорот Осман Окјар, да отпатува на Балканот за да го најде својот внук Ариф Старова во близина на Охридското Езеро. Ова конечно ќе се случи во 1970 година, кога Осман Окјар, исполнувајќи го налогот на својот татко, ќе го најде Ариф Старова не во Поградец, туку во Скопје.

Ова ќе биде вистинскиот момент за синот-раскажувач, кој со помош на професорот Окјар навлегува во тајните на времето поминато од неговиот татко во Цариград.

„Граница“ (во издание на „Изида“, во превод на Маријан Петров) е интимен поглед кон балканската трагедија да преминуваш граници, да бегаш од својот дом и да се обидуваш да пуштиш корени во туѓа земја…

Границата е релативно нова идеја на Балканот, кој претходно бил обединет под власта на Отоманската империја за долг период од пет века.

Оваа книга е за балканските граници, за нивното заплеткување во судбините на луѓето.

Истакнатиот македонски писател Луан Старова раскажува за судбината на неговото семејство и трауматичното искуство од егзилот и преминувањето на границата. Со уметничките средства на романот, авторот го дијагностицира бегалскиот синдром како доживотен и хроничен: „Еднаш бегалец, секогаш бегалец“, „Од егзил нема враќање“…

Балканот е означен како регион трауматизиран од постојани закани за раселување, принудно преселување, надворешно наметната мобилност, поради што единствена симболично зачувана врска со напуштените огништа се само малите и лесно преносливи предмети, како клучеви или фотографии.

„Границата“ е роман што предизвикува човечко разбирање и топло сочувство кон Другиот.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“