Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон (Мони) Дамевски, на денешната прес-конференција го објави добитникот на специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на 44. фестивалско издание, што ќе се одржи од 23 до 29 септември.
Кинематограферот, чиј ракопис стои зад долгогодишната тандемска соработка со Џо Рајт („Покајание“, „Ана Каренина“, „Сирано“), зад „Ноќни животни“ (режија Том Форд), „Треба да разговараме за Кевин“ (Лин Ремзи), „Светски трговски центар“ (Оливер Стоун), „Часови“ (Стивен Долдри), „Висока верност“ (Стивен Фрирс), „Бакнежот на пеперутката“ (Мајкл Винтерботом), како и зад епизодата „Скок на глава“ од серијата „Црно огледало“, за која освои награда „Еми“ и БАФТА-номинација за најдобра фотографија (кинематографија), оваа година во Битола ќе стане дел од големото филмско семејство на Фестивалот како добитник на специјална „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.
Мекгарви е двапати е номиниран за „Оскар“ за најдобра фотографија (кинематографија) – за „Покајание“ (2007) и за „Ана Каренина“ (2012). Двапати ја добил наградата на Британското друштво на кинематограферите (BSC) за „Ана Каренина“ и за „Ноќни животни“ (режија Том Форд) и четирипати е номиниран за наградата БАФТА. Во 2004 година е награден со „Лимиер“, медал за придонес во уметноста на кинематографијата, кој го доделува британското Кралско фотографско друштво.