18-тото издание АКТО продолжува на линија на претходните постпандемични изданија, преиспитувајќи го значењето на прославувањето, ако го земеме предвид основното значење на зборот фестивал. Преку привремени неколкумесечни контексти на истражување, едукација и продукција, потемелно се ангажира кон причините на појавите што претходно ги преиспитуваше во различни предизвикувачки околности, вкотвувајќи се во Битола.
АКТО 18 се надоврзува на истражувањата од претходните две изданија во 2021 и во 2022 година, кои ја истражуваа темата „Современи (не)демократии“ во обид на согледување на процесите на приватизација, отуѓување, бришење и ревизија на историјата, кои водат кон разорување на јавното, оневозможувајќи го заедничкото, но и да ги поттикне процесите на грижа. Во 2023 година преку тематиката – јавните простори во движење – АКТО презентира неколку практики што замислуваат ослободен простор, дури и привремено, за оспорување на постојните наративи преку соработка кон кревање на гласот со игнорираните, запоставените, замолчените, незапаметените, испуштените, маргинализираните во рамките на постојната хегемонија/
АКТО 18 се отвори во јуни со изложбата „Прекаријатот има шанса“ во Галеријата „Структура“ во Софија, која направи пресек на некои од најактуелните уметници во земјава, претставувајќи 18 дела од 20 уметници.
Во септември фестивалот продолжува со поинтензивна динамика на настани и активности. На 14 септември следи свеченост заедно со наградата ДЕНЕС на нејзиното 20-годишно постоење како една континуирана и посветена заложба на создавање простор за младите уметници до 35 години, кои не само што имаат можност да ги прошират своите светогледи со резиденции во странски организации туку и да создаваат нови дела и критички да ги преиспитуваат своите практики.
Покрај тоа што организира престој на домашни млади уметници во странство, АКТО обезбедува престој и за неколкумина странски уметници во Скопје, кои есенва ќе се осврнат на локални архитектонско-урбанистички и визуелни феномени преку проектите „Активен ГРА(Д)/ѓани“ и „Не сакаме да бидеме ѕвезди туку делови од соѕвездија“
Во рамките на АКТО 18 ќе се отвори и Лабораторијата за просторно-изведувачки интердисциплинарни практики – Градот како сцена во соработка со Архитектонскиот факултет од Скопје, како нова едукативно-истражувачка и продукциска платформа. Во рамките на лабораторијата, АКТО ќе ја продолжи соработката со организацијата „Фрлачи на сенки“ од Загреб преку изложбата што го поставува прашањето како да се размислува за заедница и солидарност во моментот по природна катастрофа.
Како да се зборува или памети градот, ќе биде прикажано во октомври на Архитектонскиот факултет низ проекцијата на документарниот филм „Витиќ танцува“, дваесетгодишна епопеја на уметникот Борис Бакал низ еден станбен модернистички објект во Загреб, дело на архитектот Иван Витиќ.
Во ноември АКТО ќе ги претстави продукциите на ФРУ на Националните павилјони на Прашкото квадриенале за перформанс дизајн и простор 2023 во рамки на МОТ, а заокружувањето на годинешната програма ќе се случи со најновата претстава на уметницата Власта Делимар во Драмски театар во последниот месец годинава.
АКТО 18 е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Trust for Mutual Understanding New York, Фондацијата „Хајнрих Бол“, Институтот „Гете“, Европската Унија – проект „Острови на сродство“, проектот „Активен ГРА(Д)/ѓани“ и проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди туку делови од соѕвездија“.