Утрински Весник
Култура

Промоција на книги од Пандев и Димоски на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

Промоција на книги од Пандев и Димоски на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

Во рамките на традиционалната соработка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и Општина Охрид, денес, на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ ќе бидат промовирани книгите „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски и „Славе Ѓорѓо Димоски во книжевната критика (македонска и светска)“ од проф. д-р Димитар Пандев.

dobivaj vesti na viber

Промоцијата ќе се одржи во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, со почеток во 20 часот. Пред присутните ќе се обрати и претставник на Општина Охрид, а промотор на двете изданија ќе биде ас. м-р Иван Антоновски.

Изминативе години, на летните школи на МСМЈЛК при УКИМ, пред семинаристите – странски македонисти и слависти, редовно се промовираат изданијата на Општина Охрид кои се важни за македонската книжевност и култура, а за сите учесници, редовно, Општината обезбедува и бесплатни примероци кои потоа стануваат дел од славистичките библиотеки на универзитетите ширум светот. Важно е што со оваа промоција, традицијата продолжува.

Преку едната од книгите кои кои ќе бидат промовирани денес, странските слависти и македонисти, особено оние од помладите генерации ќе можат подетално да се запознаат со она што е напишано за светите Климент и Наум Охридски во науката од почетокот на славистиката па наваму, вклучително и за нивното значење за просветителската дејност на македонското тло и воопшто во словенскиот свет, а од друга страна и со присуството на култот кон светите браќа засведочен во македонската книжевност – народна и авторска. Преку другата книга во која на 370 страници се поместени осврти, текстови и други објави од книжевната критика за поезијата, книгите и воопшто творештвото ма Славе Ѓорѓо Димоски, семинаристите ќе можат подетално да се запознаат со вредностите на опусот на еден од најистакнатите современи македонски поети, а некои од нив и да ги надградат своите доегашни сознанија, имајќи ги предвид присуството на творештвото на Димоски во наставата на некои странски универзитети и преводите од неговата поезија на триесет јазици.

Покрај преку овој настан, годинава, Општина Охрид дава поддршка на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ и со тоа што за сите семинаристи од 18 држави ќе организира и посета на дел од културното наследство на градот Охрид.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“