Утрински Весник
Култура

Отворање на изложба „Имагинариум“ – илустрации за деца на академскиот уметник Христина Мазнеска

Отворање на изложба „Имагинариум“ – илустрации за деца на академскиот уметник Христина Мазнеска

Имагинацијата претставува најголема слобода и креативна активност во животот на децата преку која невино ја градат и неуморно ја развиваат својата интелигенција. Со замислувањето на свет креиран според личните убедувања и желби најмладите создаваат автентичен и независен поглед и вредности.

dobivaj vesti na viber

Детската литература придонесува во развојот на нивната интелигенција, емотивност, креативност и имагинација. Книгата пропратена со восхитувачки илустрации им помага на најмладите да замислат или создадат имагинарен свет управуван од лични правила и да се одвојат од светот на возрасните кој е преплавен од обврски и правила. Впечатливата сликовитост на илустрациите во детската литература е незаменлива во изградбата на богата имагинација како најсуштинска творечка активност во детството. Разигрувајќи ја моќната фантазија на детските умови со помош на визуелните ликовни интерпретации на пишаните зборови децата стекнуваат способност брзо да учат и правилно да расудуваат. Сказновидните и чудесни настани преку ликовната илустрација стануваат јасни и разбирливи. Безбројните фантазии на уметникот исткаени во невообичаените настани коишто им се случуват на ликовите одеднаш добиваат смисла.

„Имагинариум“ претставува самостојна изложба на академскиот уметник Христина Мазнеска, која ја сочинуваат 50-тина креативни колоритни илустрации за деца изработени во периодот меѓу 2018 и 2022 година. Ингениозноста и сестраниот креативен потенцијал на Мазнеска најдобро се одразуваат преку нејзиниот разновиден сликарски и илустраторски творечки опус. Многубројните илустрации за деца се изработени во дигитален медиум (таблет за цртање и дигитален софтвер). Како резултат на успешната и плодна соработка меѓу авторите од разни земји (САД, Канада, Австралија, Велика Британија и Бугарија) и Мазнеска, произлегуваат многубројни раскошни и разиграни дигитални илустрации коишто на невините детски умови визуелно им ја пренесуваат убавината на светот и ги поддучуваат на моралните доблести – идни водилки кои треба да ги применуваат во текот на животот.

Во ликовниот стилски израз на Мазнеска одѕвонува привлечна естетика која потсетува на легендарните дизниеви цртани, особено во: прикажувањето на особините на ликовите во приказната (храброст, лојалност и љубопитност), употребата на широка колоритна палета којашто овозможува создавање на живописни амбиенти кои предизвикуваат разни емоции и инвентивна сложена наративност со многубројни специфични детали во разиграните илустрации. Преку бујната и инвентивна ликовна интерпретација на сказновидните настани и бајковитите авантури на неповторливите ликови, уметничката со автентичен семиотички јазик го обединува вистинитото и измисленото.

Христина Мазнеска е сестрана уметница која работи во доменот на визуелните и применетите уметности. Родена во Прилеп во 1995 г. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2018 г. во класата на проф. Жанета Вангели на отсекот сликарство со модул графички дизајн. Како добитничка на стипендиите Еразмус+ и CEEPUS за студентска мобилност, во текот на своите студии студира и на Академијата за ликовни уметности во Загреб, Хрватска, како и на Унгарскиот Универзитет за ликовни уметности во Будимпешта, Унгарија. Имала четири самостојни изложби во земјава, а била учесничка на повеќе од триесет групни изложби и креативни работилници. Од 2018 г. работи како илустратор на многубројни креативни проекти. Досега има илустрирано и дизајнирано десетина странски книги за деца. Освен тоа како уметник работела и на четири видео игри. Живее и работи во Скопје. Има дневник за цртање каде што доловува моменти од секојдневието и убавините на природата.

Изложбата трае до 30 август.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“