Полицајката од Градачац, Џенана Селимовиќ, која се поврзува со Нермин Сулејмановиќ, утре ќе биде суспендирана, потврди за „Н1 Сараево“ Џевад Корман, директор на полициската управа на кантонот Тузла.
„Полицајката Џенана Селимовиќ се врати од одмор. Таа денеска побарала лекарска помош и зела боледување. Наредив до утре изутрина да се подготват сите релевантни факти и докази, врз основа на кои таа евентуално би можела привремено да биде отстранета, односно привремено да биде суспендирана до завршување на дисциплинската постапка засега“, рече Корман.
„Сите информации со кои располагаме фрлаат сомнеж за нејзино дружење со криминално активни лица и во таа насока таа го прекршила кодексот и направила службена повреда на дисциплинската должност. Значи, работиме во таа насока. Значи, само во таа точка, ништо не е поврзано со овој последен настан“, додаде тој.
Во јавноста се шпекулира дека Џенана Селимовиќ наводно ја дала локацијата на која е убиена Низама Хеќимовиќ. Сепак, овие наводи се уште не се потврдени, пишува „Н1 Сараево“.
Адвокатот на Џенана Селимовиќ, Бакир Хеќимовиќ, претходно за медиумите изјави дека таа наводно немала никаков контакт со Нермин Сулејмановиќ.
„Медиумите ја линчуваат без причина. Сето ова е неосновано сè додека нема барем индикативен доказ дека таа воопшто имала контакт со Сулејмановиќ. Велат и дека побегнала во Италија, но е на годишен одмор и на 16 август редовно ќе се јавува во полициската станица Градачац и редовно ќе продолжи со своите обврски. Доколку се покаже дека Џенана немала никаква врска со убиецот, ќе покренеме низа тужби во нејзин интерес“, изјави адвокатот.
Нермин Сулејмановиќ на 11 август изврши тројно убиство, а три лица беа ранети. Убиството на невенчаната сопруга го пренесуваше во живо на Инстаграм. Сулејмановиќ неколку дена претходно бил пријавен во полиција за насилство.