Обидите за страв и замолчување како во времето на комунизмот воопшто не не плашат, продолжуваме со кренати глави, пишува тетовскиот градоначалник, Билал Касами откако Министерството за внатрешни работи поднесе барања за поведување на прекршочна постапка против него и против градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу поради дел од скандалите на пречекот на косовскиот премиер, Албин Курти.
Касами вели дека се работи за уцени во обид да ја попречат здружената опозиција.
„Времето на заплашување на Албанците, нивно апсење и носење во озлогласени полициски станици е мртво, заедно со тоа наскоро ќе умре и овој ваш комунистички режим. Вие продолжувате да бидете вазали на Белград, затоа што таму ќе завршите сите, додека ние како опозиција се среќаваме со овој народ и се плашиме само од албанскиот народ“, пишува Касами.
Посетата на Курти во Македонија ги разбранува земјата и регионот. МВР покрена постапка бидејќи при организираниот пречек на 11 август во Чаир и Тетово, не е постапено согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Македонија. Конкретно, за време на манифестациите организирани по тој повод не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме, со што е сторен прекршок по членот 30 од истиот закон.
Истовремено полицијата четири дена трага по лицето кое во Тетово вееше знаме на „голема Албанија“ и најавува дека по неговото пронаоѓање против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Партиите од албанскиот политички блок, не се оградија, ниту се извинија од чинот кој се толкува и како територијална претензија кон други држави. По посетата на Курти и реакциите во јавноста, Касами не се извини, туку објави видео од пречекот на кое јасно се гледа како се вее знамето на „голема Албанија“.