Книгата „Боите на мојата музика“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Марко Коловски ќе биде промовирана денеска во рамките на програмата на 63-тото издание на фестивалот Охридско лето.
Промоцијата ќе се одржи во предворјето на црквата „Света Софија“, со почеток во 19 часот. Промотори на ова дело, чиј издавач е Музичкиот издавачки центар (МИЦ), ќе бидат Илинденка Петрушева, филмолог, филмски критичар, историчар на филмот и есеист, и Александар Трајковски, музички теоретичар, истражувач, педагог и публицист. Модератор на вечерта ќе биде Милчо Јованоски, новинар и публицист, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“-Охрид, а водител Наташа Поповска-Карче, сликар, уметник, стоматолог.
Книгата „Боите на мојата музика“ е приказна за животниот и за творечкиот пат на Снежана Анастасова-Чадиковска, истакната пијанистка, пијано педагог, музички публицист, аниматор и организатор.
Снежана Анастасова-Чадиковска преку своите спомени за контекстот во кој раснел и разраснувал нејзиниот огромен опус и музикологот Марко Коловски – со поглед од страна како обид на навидум невозможното стручно да се опсервира непрегледното, создаваат уникатно дело примамливо за секој читател. Колоритна, раскошна, блескава, всушност како и боите на сликата „Хипостази на животот“ од ликовниот уметник Венијамин Хаџи-Наумов, која визуелно го збогатува ова издание.