Министерот за економија, Крешник Бектеши, првин се извини затоа што вчера ја одложил прес-конференцијата, потенцира дека имале дебата со колегите министри, па рече дека никогаш не е ставен кој било во заблуда за време на владините седници кога се зборувало за концесијата на „Иловица“. Образложуваше какви сѐ документи има во неговите фиоки и што е доставено до Владата. Очекува од сите министри да кажат дека тој и Министерството за економија не ги довеле во заблуда.
„Очекувам и другите колеги да потврдат дека Министерството за економија не излажало, ниту измамило некого ниту ставило некого во заблуда. Ние сме доставиле хронологија на настаните и што е одлучено од 2005 до денеска во предлог-одлуката за спојување и образложение, тоа е доставено до Владата и не се менувало ниту информацијата ниту образложението. Ова е политичка Влада и се носат и политички одлуки“, рече Бектеши.
Потоа рече дека не станува збор за една, туку за две концесии. Посочи како се добивани позитивните мислења во текот на годините, а поврзани со издавање на концесиите.
„Гледам оти јавноста е во заблуда дека се работи за една концесија. Не се работи за една, туку за две концесии“, додаде Бектеши.
Тој во текот на прес-конференцијата во детали образложува за концесиите.