Денеска ќе се промовира заедничкиот интегриран електронски систем за наплата на патарините на наплатната рампа Прешево – мобилно продажно место.
Системот ќе го промовираат премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, а ќе бидат присутни и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и Горан Весиќ, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија.
Како што информираат од Владата, на настанот ќе присуствуваат и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми.
Единствениот систем за електронска наплата (ENP) во три земји – Србија, Северна Македонија и Албанија, кој беше договорен на последниот самит „Отворен Балкан“ изминатата година во Охрид, овозможува секој корисник на електронската наплата на патарините да може со само еден ТАГ да плаќа патарина во другите земји, без запирање или купување дополнителен уред или картичка во земјите каде што неговото возило не е регистрирано.