Утрински Весник
Спорт

Кога тенисот не е во преден план

Кога тенисот не е во преден план

Ако во минатиот напис „Вимблдон, зад сцената“ објаснивме како да дојдете до билет и влезете во Вимблдонското село, каде се наоѓаат сите тениски игралишта, следната операција која ве чека е како да го исполните времето, кога сте веќе внатре.

dobivaj vesti na viber

Првиот израз на лицето, на секој кој прв пат е дојден, најчесто е идентичен: веднаш штом сте го направиле првиот чекор и сте ја оставиле зад вас контролната капија, стаписани и вџашени, со отворена уста и очи, ќе застанете пред гледката која ќе се појави пред вас: а, таа е десетина тревнати тениски игралишта, на кои играат тенис некои од тенисерите кои до тогаш само на телевизија сте ги гледале.

Од различни страни од звучниците ќе ви доаѓаат различни гласови на судиите: некој соопштува резултат, друг најавува челенџ, трет предупредува на изминато време за пауза.

Каде да тргнете, кој меч да го гледате? – дилемата е отворена и нерешлива. Сите клупи околу терените се полни со гледачи, така што кој год терен да го изберете ќе морате да стоите и да се лактате за што поблиску да стигнете до првиот ред и фатите подобра пол позиција да гледате. Ако сте среќалија, може да се случи некој од публиката што седи да го напушти местото и вие да седнете на него.

Секако, доколку некоја баба од 80 години не биде побрза од вас и прва не се смести на ослободеното место. А такви, жилави и здрави, на Вимбелдон се сите старци, независно од годините и полот. Заборавете на џентламенството и дамските манири, нив ги има само во „Даунтаун Абеј“ и другите англиски серии од викторијанско време.

Иако тенисот е главното што ве покренало од Македонија да тргнете на пат за Вимблдон, ако не сте вистински вљубеник во овој спорт, тој брзо ќе ви здосади.

Исто така, после само половина час гледање ќе сфатите дека времето во било која варијанта не ви одговара. Ако врне, не е за гледање, а и нема што да се гледа, бидејќи тогаш тенис се игра само во покриените стадиони каде немате пристап. Ако не врне, тогаш многу често знае да дува ветер, кој за некој кој доаѓа од југот е многу непријатен. Ветерот на Островот многу често е океански, па знае да биде ледено студен и да влага во коски.

Ако грее сонце, а тоа е најверојатно во овој дел од годината, таа временска варијанта на отворен простор најтешко ќе ја поднесете. Лондонскиот сончев ден од 25-30 степени, е како во Македонија десет степени повеќе. Поради влажноста, која е многу висока, сончевите денови во лето знаат да бидат неподнсосливи ако сте на отворено.

Минаттата година имав единствена прилика во Лондон да го (пре)живеам најтоплиот ден на Островот од кога се мери температурата, а тоа е повеќе од сто години. Во Лондон беа измерени 40 степени. Значи, скопски 50. Било – да не се повтори!

Сума сумарум, брзо ќе заклучите дека тенисот не е за вас, ако активно не сте го следеле пред тоа. Селфиња сте испукале за едно три гигабајти, но, јасно ви е дека тоа не е доволно за целосно да ги импресионирате пријателите кога ќе се вратите во Македонија. Значи – шопинг му е мајката. Бадијала толкав пат, ако кога ќе се вратите, не прошетате низ улица Македонија со пуловер Ралф Лорен, или со зелена поло маичка со логото на Вимблдон.

Е, такви посетители организаторот сака. Што не губат многу време на гледање тенис и се лесни на отварање новчаник, т.е. змиичето им останало во Македонија, а овде се водат со девизата „Само еднаш се живее“.

Шопинг продавници за сувенири има на секој агол, од големи салони, до мали бутки, како трафики. А, внатре, цените согласно престижот и луксузот кои се видно приметливи на секој чекор кога е во прашање тенискиот турнир во Вимблдон.

Па, да почнеме со ред, еве го ценовикот колку чинат некои од најатрактивните производи (1 британска фунта е околу 72 денари):

1. Официјално сако на вимблдонските судии Ралф Лорен 949 фунти (околу 1110 евра),
2. Тенка, пролетно-есенска јакна Ралф Лорен 549 фунти,
3. Спортско-патничка торба Ралф Лорен 195 фунти,
4. Блузон Вимблдон 130 фунти,
5. Зелена поло маица Вимблдон 60 фунти,
6. Пешкири за плажа со логото на Вимблдон 39 фунти,
7. Ранец Бабалот со натпис Вимблдон, каков ни беше подарен на нас новинарите (после 2 години злопатење со пешкири) 35 фунти,
8. Поло капче со логото на Вимблдон 29 фунти,
9. Чадор, во пурпорно-зелена боја 24 фунти,
10. Ракавица за вадење топла тава од рерна 24 фунти (ако ја користите, можете да замислите на што ќе личи до следниот Вимблдон),
11. Термуси за вода, вино ем ракија 24 фунти,
12. Шоља за чај 12 фунти,
13. Комплет од три тениски топчина Шлезингер 9 фунти,
14. Ако сакате да глумите интелектуано лудило, па шопинг салонот да го напуштите и со по некоја книга врзана за Вимблдон, тој луксуз ќе ве чини од 20 фунти, па нагоре.

Тоа е околу шопингот и купувањето подароци. Но, како што рекле старите, гладна мечка на решето не игра, така и вие, после напорниот шопинг, ќе морате нешто да јадете, бидејќи денот е долг, а не иде на Вимблдон да се доаѓа со од дома подготвен сендвич во џеп.

Значи, следното е каде, што и за колку да се јаде. Од луксузни ресторанти, до сендвич барови имате исто колку и шопинг продавници. Ако во Македонија ви е преку глава од јадење суши, јастози, димени лососи и кавијари, претпоставувам дека тука би сакале да пробате нешто локално. Значи, фиш и чипс. Тој ќе ве чини 11.35 фунти.

Исто толку ќе треба да платите и за сендвичи од јагнешка плескавица или пилешки стек, додека хамбургери, чизбургери и други варијации се нешто поскапи и чинат 12.20 фунти. Ако ви изгледа дека не е многу скапо, имајте во предвид дека тоа не се сендвичи од „Седмица“, така што здраво најадување подразбира да купите барем уште еден-два дополнителни сендвичи.

Кога веќе сте се најале убаво, ред е и да стимулирате да се изждригате здраво, така што супер би ви легнало едно пиво. Пиво во лименка ќе ве чини 7.20 фунти, а во полалитарско шипе 6.80 фунти. Шише вино е 30-35 фунти, а за шампањ ќе треба да искеширате безмалку 100-тина фунти. Ако сте со девојка или сопруга, знајте дека сон на секоја овдешна девојка е на Вимблдон, за време на паузата, партнерот да отиде да купи шише шампањско и го донесе во кофа полна со лед и две тенки и долгнавести чаши. Кога се игра машкото финале, не се знае дали повеќе пукаат чепови на паузите или асови додека се игра. Да, Вимблдон е тенис, но и повеќе од тоа: тој е стил на живеење, култура на однесување, ритуал на славење на убавината на сопственото постоење. Хедонизам и егоизам со еден збор.

Јагодите со шлаг се со непроменета цена од 2014. и чинат 2.60 фунти, за што се добиваат 10 јагоди. Традиционалниот вимблдонски пијалок Пимс е со цена од 9.70 фунти.

Кога ќе се вратите при себе од оваа лудница што ве снашла, ќе забележите дека веќе почнало да се стемнува, повеќе од половината терени се празни, а и останатите мечеви се при привршување, бидејќи после 21 часот не се игра тенис освен во покриените стадиони.

Операцијата Вимблдон успешно сте ја завршиле. Секако, содржински многу побогата ќе ви биде „причата“ кога ќе се вратите во Македонија и ќе раскажувате како „страва“ сте си поминале, отколку навистина што вистински сте го доживеале Вимблдон. Оној кој доаѓа приоритетно да гледа тенис, тој оди и гледа тенис, останува повеќе денови, а на шопингот се навраќа ден-два отккао ќе заврши турнирот и цените ќе почнаат да паѓаат како за олд фешн производи. Затоа што, првото утро по завршувањето на турнирот и логото ќе се смени во Вимблдон 2024. А, бајат леб и зелена поло маица со натпис „Вимблдон 2023“ никој не сака.

Ненад Живановски

Можете да прочитате

Винисиус добил понуда од 1.000.000.000 евра

Лудница во Белград – Илјадници наввачи ги пречекаа српските спортисти

Алкараз: Сакам годината да ја завршам како прв светски рекет