Утрински Весник
Култура

АЗАС: Владата да ја активира Комисијата за посредување во авторските и сродните права

АЗАС: Владата да ја активира Комисијата за посредување во авторските и сродните права

Речиси 60 организации од целиот свет кои ги претставуваат аудио-визуелните автори и изведувачи го искажаа нивното незадоволство и загриженост за долгогодишното статус-кво во земјава во однос на регулирањето на аудиовизуелните авторски права во земјава и неможноста Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права – АЗАС да почне со колектирање на средства од аудиовизуелните дела.

dobivaj vesti na viber

Нивната реакција доаѓа откако до Собранието беше даден предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, со чија адаптација организациите велат дека ќе се направи суштинска и многу неуставна повреда на правата на аудио-визуелните автори и изведувачи и сите други инволвирани правни субјекти.

АЗАС е единствената македонска организација за колективно управување со авторските и сродните аудиовизуелни права во републикава во согласност со ЗАПСП, која ги вклучува авторите, изведувачите и филмските продуценти под еден покрив. Има дозвола за работа, издадена од Министерството за култура, единствена во нашата земја за колектирање на средства од аудиовизуелните дела, уште од септември 2018 година. Членка е на најрелевантните светски и европски организации во оваа област и партнер на AGICOA. И покрај дозволата и Законот за авторски и сродни права, кој е на сила од многу одамна, АЗАС сè уште не може да започне со активна работа и со наплата само затоа што нема активна Комисија за посредување во авторските и сродните права која треба да ја одобри тарифата, а со новиот предлог-закон се предвидува во рок од шест месеци од влегувањето во сила (осум дена од објавувањето во Службен весник) на овој закон, сите дозволи за колективно управување, вклучително и дозволата издадена на АЗАС да престане да важи.

-Предложената одредба е целосно погрешна и неуставна и спротивна на Директивите на ЕУ за колективно управување, пред сѐ затоа што веќе стекнатите законски права (дозволи) не може да се одземат. Нагласуваме, АЗАС има дозвола речиси 5 години и додека чека државата да ги исполни законските обврски за да почне со работа, државата ќе ѝ ја одземе оваа дозвола. Овој вид на стекнато право (дозвола) врз основа на закон не може да престане да важи на овој начин. Ова ја прави ситуацијата за меѓународните и домашните аудио-визуелни актери тотално неприфатлива – пишуваат организациите и асоцијациите на аудио-визуелните изведувачи од Латинска Америка, Франција, Словенија, Шпанија, Хрватска, Велика Британија, Турција, Грција, Португалија, Србија, Холандија, Швајцарија, Австрија, Зимбабве, Кенија, кои се залагаат за правата на изведувачите и нивното транспарентно, праведно и ефикасно колективно управување, обезбедувајќи им на изведувачите правично учество во искористувањето на нивните аудио-визуелни изведби преку границите.

И асоцијациите и здруженијата на авторите на аудиовизуелни дела ширум светот, од Уругвај, Чиле, Аргентина, цела Европа, па до Сенегал, Нигер и Мадагаскар. Тие додаваат дека секоја акција насочена кон лишување на македонските режисери и сценаристи од нивното легитимно право да управуваат со нивните дела преку одземање на лиценцата на АЗАС, нивното единствено претставничко тело, би имало далекусежни последици за овие творци, како на домашно така и на глобално ниво.

-Ја повикуваме македонската Влада и нејзините релевантни комисии да размислат за нивните претходни одлуки и да ги преземат неопходните чекори и да ја активираат „Комисијата за посредување во авторските и сродните права“ за да може АЗАС да им помогне во имплементацијата на Директивата за авторски права на ЕУ (2019/790) и Директивата на ЕУ за онлајн радиодифузија (2019/789), бидејќи и двете директиви имаат за цел да ги модернизираат европските правила за авторски права и да им овозможат на потрошувачите, медиумските дистрибутери и креаторите да го искористат максимумот од единствениот дигитален пазар – повикуваат тие.

За генералниот директор на АИПА Словенија, кој неодамна имаше неколку средба со претставници на Секретаријатот за европски прашања, Министерството за култура, Владата и Собранието, неприфатливо е да се одолговлекува целиот процес на одоброување на тарифата. За Штиберник тоа државата нема да ја чини ништо, во исто време ќе има и нови продонеси и нови работни места за доброто на Македонија.

-Тоа е голема штета, на прво место за македонските актери, автори и продуценти затоа што македонскиот филм во изминатите неколку години има одлични резултати и познат е во странство. Тоа значи дека организации како АЗАС во Македонија, во цела Европа и светот добиваат пари и во име на македонските актери, автори и продуценти, а тие пари не може да дојдат до Македонија поради моменталната ситуација- изјави Штиберник.

За Хозе Мариа Монтес, директор за интернационална соработка во AISGE од Шпанија, освен важноста за заштита на правата на авторите, изведувачите и продуцентите во аудиовизуелниот сектор и обезбедувањето нивно транспарентно и ефективно колективно управување, спроведувањето на колективното управување со таквите права преку АЗАС ќе ја усогласи Македонија со воспоставените европски практики.

-Со воспоставување модерен систем за заштита и остварување на овие права, Македонија може да обезбеди правично наградување, да ја зајакне правната сигурност и да ги поттикне инвестициите и соработката во аудиовизуелната индустрија. Оваа усогласеност со меѓународните стандарди ќе придонесе за растот и конкурентноста на секторот, во корист и на носителите на правата и на потрошувачите – додава тој.

АЗАС се надева дека надлежните ќе придонесат за Владата сериозно да му пристапи на ова прашање и што е можно поскоро да најде начини за решавање на истото со цел да се заштитат поголемиот дел од македонските автори, продуценти и изведувачи, и да се обезбеди фер, ефикасно и транспарентно применување и распределување на нивните колективни права.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“