Стевчо Јакимовски, градоначалникот на општина Карпош, го обвини лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека единственото прашање што го посочува е како внукот на господинот Али Ахмети на 25 години стекнал толку големо богатство како што е дел од сопственоста во трговскиот центар „Соравија“. Но, тој, според Јакимовски, не кажува на колку години ја направил својата првата хидроцентрала и стекнал милионски имот.
„Прашањето за богатството на внукот на Али Ахмети како го стекнал имотот е легитимно прашање и нормално е да се истражи дали средствата се обезбедени на легален начин. Но, сакаме да го прашаме Мицкоски да одговори на колку години тој ја направи првата хидроцентрала. Дали тоа беше пред да биде советник во владата на Груевски, беше пред да биде директор или откако стана директор на ‘Електростопанство на Македонија’. Во опис и попис на работни задачи на директорот на ‘Елекстростопанството’ стои да гради хидроцентрали, да овозможува производство на електрична енергија, но да гради хидроцентрали за државата и за народот, не за себе. Во конкретниот случај тој има градено за себе, мислам дека е легитимно прашањето да го прашаме на колку години тој стекна таков милионски имот“, посочи Јакимовски на денешната конференција.
Од СДСМ претходно обвинија дека Мицкоски од државата добил 33 илјади метри квадратни за изградба на хидроцентрала, а денеска не ја дава струјата на граѓаните, во време на најголема светска енергетска криза кога секој енергетски капацитет е од суштинска важност.
„Срамно е Мицкоски да прави споредба на периоди на нормално функционирање на светот и период на постпандемија, на енергетска и економска криза, која го тресе целиот свет. Ако толку е загрижен за состојбата со енергетиката, Мицкоски нека ја даде струјата на граѓаните и нека ги повика пратениците да се откажат од блокадите на важни закони во Собранието“, рекоа претходно од СДСМ.