Али Ахмети да им каже на младите Албанци, како да купат зграда како Соравија без пари како внук му, тогаш ќе му веруваме дека се грижи за нив. Ваква е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, откако интегративците претходно денес ја опишаа опозициската партија како судски потврдено криминално здружение.
ВМРО-ДПМНЕ реагира дека ДУИ е криминална дружина, Мерко е потврдено корумпиран од Стејт Департментот, а внуците на Али добиваат милиони само заради „претприемачки дух“.
„Али Ахмети да им каже на младите Албанци и Македонци како да купат зграда во центарот на Скопје, како Соравија, без да платат денар како неговиот внук, тогаш ќе поверуваме дека се грижи за нив. Никој не му верува веќе на Ахмети. Додека ДУИ лажно се претставува, внуците на Али и неговиот син влегуваат во милионски бизниси без пари. Смешни се повиците дека ДУИ ќе соработува со органите да се истражи криминалот. Стејт Департментот тврди дека Мерко е корумпиран, тоа значи дека имаат докази“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата се додава дека потребно е ДУИ да оди во опозиција за да се ослободат институциите од притисокот и да може да има вистински истраги.
ДУИ претходно коментираше дека ова ВМРО ДПМНЕ е спаднато на историски најниското ниво без ниту една вредност и затоа нема доверба членството во нивниот претседател и во партијата, туку повеќе им веруваат на претходното раководство кое им носеше само победи.