Од специјалниот известувач од Вимблдон, Ненад Живановски
Како и минатата година, така и оваа, известувачот на Макфакс и Топ спорт од Вимблдон, на првиот ден од почетокот на тенискиот турнир, направи кратка анкета меѓу новинарите за тоа кого очекуваат да биде победник на турнирот во машка и женска конкуренција. Нивните прогнози се потполно идентични кога е машкиот дел од турнирот во прашање, додека во женска конкуренција, како најавуваат, сè ќе биде отворено до последниот ден.
За Нел Меклеман, известувач за Дејли Мирор, нема дилема дека Новак Ѓоковиќ е апсолутен фаворит. „Тој има традиција да победува на Вимблдон и не гледам кој може да го спречи во тоа. Би било фантастично ако во финалето се сретне со Карлос Алкарас, но, очекувам дека и во тој меч Алкараз да биде нервозен како што беше на Роланд Гарос. Доколку дојде до такво финале, Ѓоковиќ ќе биде фаворит и во тој меч“. Што се однесува до женскиот дел од турнирот, за него сè е отворено до крај. „Прашање е како Ига Швјонтек ќе игра и меѓу првите три тенисерки сè е неизвесно. Елена Рибакина може повторно да биде победник, иако јас би сакал Коко Гоф да го освои турнирот. Таа е подготвена за голем успех, ќе оди далеку и би било одлично да се види во финалето“.
За репортерката на официјалниот сајт wimbledon.com, Кејт Батерсби, би било возбудливо да се види финале Ѓоковиќ – Алкараз.
„Надвор од нив е незамисливо да се очекува трет фаворит. Ѓоковиќ е доминантен, но можно е тој да не е доволно подготвен или да има проблеми со телото. Сепак, тој е главен. Што се однесува до жените, Швјонтек се чувствува болно. Минатата година беше елиминирана доста рано, бидејќи за неа е незгодно да се движи на трева, додека Рибакина одигра одличен турнир. Сабаленко може да отиде далеку на турнирот, исто како што ќе биде убаво Онс Жабер да се гледа што подолго на турнирот. Кај жените сè е отворено“. Исти очекувања за машкиот турнир има и чилеанецот со македонски корени, Себастијан Варела, од порталот Клеј од Сантијаго де Чиле, за кого единствен фаворит е Ѓоковиќ. Но, тој наведува и две опции во кои Новак нема да успее да ја одбрани титулата. „Прво, доколку Ѓоковиќ се повреди, а второ доколку игра со левата рака. Освен негов триумф, би било големо изненадување доколку го загуби овој трофеј. Алкараз би можел да влезе во финалето, а тоа што му се случи во Париз ќе биде огромна лекција во неговиот понатамошен живот. Исто така, ги гледам и Синер, Корда и Медведев како други фаворити, кои можат да стигнат до завршната фаза“. Кај жените Себастијан со неочекувана, но храбра прогноза: „Замислувам дека Квитова ќе го искористи сето свое искуство во нејзина корист. Таа може да биде фаворит од сенка на турнирот“.
И известувачот на официјалниот АТП сајт, Сем Џакот, не гледа кој може да го сопре Ѓоковиќ на патот кон нов триумф и нови рекорди. „Прашање е кој може да го предизвика. Тејлор Фриц е во добра форма, а Алкарас доаѓа како победник на Квинс. Синер, исто така, може да се најде во финалето. Беретини и Кириос не се сто посто спремни за таков подвиг“. Во женскиот дел Швјонтек сè уште го нема освоено турнирот, а јас би сакал Коко Гоф да ја видам до крај. Сепак, не знам дали некоја тенисерка може да ја победи Рибакина. Исто така, Онс Жабер лани играше во финале и таа може да оди до крај. Кај жените сè е отворено“.
Известувачот на агенцијата Франс Прес, Дејвид Џејмс, најилустративно ја опишува доминацијата на Србинот: „Ѓоковиќ победува 100 проценти! Тој само треба да се појави на теренот и каже: ‘Благодарам многу, се гледаме следната година.’ Нема кој друг, ги нема Надал и Федерер. Циципас, Медведев немаат резултати да го предизвикаат. Алкарас можеби ќе може да го победи Новак во иднина, но не и оваа година. Во евентуалното финале, може да му се повтори она што му се случи на Ролан Гарос, да не го издржи притисокот“. Кај жените тој предвидува дека Швјонтек е фаворит, но и дека Рибакина има големи шанси, исто како и Сабаленко што може да покаже голема игра.
На крај од оваа анкета, разговаравме и со двајца известувачи кои доаѓаат од земјите од каде се и најголемите фаворити за пласман во финалето. Миодраг Димитријевиќ од порталот Нова од Србија и Мануел Санчез, кој известува за агенцијата ЕФЕ од Мадрид.
За Миодраг апсолутен фаворит е Ѓоковиќ, кој повторно го има предизвикот за календарски гренд слем и до финалето нема да има поголеми проблеми. „Во неговиот дел се Хуркач и Синер, но двајцата се далеку од својата најдобра форма. Сепак, секогаш постои можност за изненадување, а тоа, веројатно, ќе биде и клучниот збор за ова издание на Вимблдон. Нема дилема дека секој љубител на тенисот се надева на финале Ѓоковиќ и Алкараз, пред сè да би виделе каков одговор може да понуди Шпанецот после Ролан Гарос“. За него, кај жените Елена Рибакина и Арина Сабаленко веќе се видени во полуфиналето, а ќе биде занимливо да се види дали Швјонтек ќе може да одигра нешто подобро на трева во однос на минатите години и да дојде до завршница на турнирот. „Не би требало да се отпишува ни Онс Жабер, која сака да донесе гренд слем титула на африканскиот континент, а можно е и Викторија Азаренка да има своевидна „лабудова песна““.
За Мануел од Мадрид, Ѓоковиќ е прв фаворит, а Алкарас втор. „Се што постигна Новак оваа година му дава за право да е најкомпетентен. Има веќе два гренд слема освоено годинава. Пред турнирот, Алкарас имаше проблеми со ногата, меѓутоа, имаше доволно време да се опорави и многу работеше на физичката подготовка. Кај жените интересно ќе биде како Рибакина ќе се прилагоди од земјен терен на трева. Сакам да видам и дали Сабаленко ќе го повтори успехот од Австралија Опен. Заедно со Швјонтек, за мене тие се главните фаворити на турнирот“.
Ненад Живановски