Премиерот Димитар Ковачевски денеска е во официјална посета на Берлин, Сојузна Република Германија, на покана на германскиот канцелар Олаф Шолц. Во седиштето на Владата на Сојузна Република Германија, како што е најавно, е предвиден официјален пречек со државни почести, средба меѓу премиерот Ковачевски и канцеларот Шолц, заедничка прес-конференција на премиерите, како и работна билатерална средба и вечера на двете официјалните делегации.
Главниот фокус на разговорите, како што е најавено, ќе бидат билатералните односи и соработка меѓу Северна Македонија и Сојузна Република Германија, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Дополнително, теми на разговор ќе бидат и германската поддршка на македонскиот евроинтеграциски пат, реформскиот процес насочен кон исполнување на стандардите на ЕУ и други актуелни прашања од регионален и европски безбедносен аспект, најавија владините служби.