Преку 15 000 посетители вчера вечер уживаа во фантастичната атмосфера на првата вечер од Културното лето на Општина Вода. Настанот го отвори DJ Mats кој со својот добро познат стил го подигна расположението кај сите присутни. Час и половина хип хоп, најпопуларните хитови на кои се играше и пееше на преполниот простор пред салата Расадник, уште еднаш покажаа зошто DJ Mats беше одличен избор за отворањето на неделата во која Кисела Вода го слави и својот 68-ми роденден и новото Културно лето, велат од општината.
„Веднаш по него незаборавен концерт одржаа 2 Бона, чии песни наизуст ги пееше целата публика. Во редици се чекаше за фотографија со ѕвездите на вечерта кои во моментот работат на химна за Кисела Вода. Паркот во Расадник ечеше од добра музика и одлично расположение по кое ќе се памети оваа вечер.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој беше присутен во публиката веќе најави дека вакво расположение и посетеност се очекува сите 4 фестивалски вечери кои од синоќа до 29 јуни ќе се одвиваат на две локации“ додаваат од Општина Кисела Вода.
Денес, петок 23 јуни, Културното лето на Општина Кисела Вода продолжува на Три Круши, во Драчево, со фолк вечер. Од 20 часот настапуваат КУД Китка, од 21 часот Сузана Спасовска, додека од 22 часот се’ до крајот на вечерта концерт ќе има Миле Кузмановски.
Во сабота ќе настапат Жаре Бербер и хрватскиот романтичар Петар Грашо, а следниот четврток и групата „Нокаут“, на која ќе претходи музички сет на DJ Mats.