Утрински Весник
Култура

Успеавме да се избориме за промена на штетната одлука на Министерството за култура, порачаа од „Филхармонија“

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонија во парк

Со упорност, аргументи, вистина и единствена сплотеност, вработените во Македонската филхармонија успеаа да се изборат за промена на штетната одлука поради која протестираа во изминативе три месеци, велат од оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Одлуката која ја донесе Министерството за култура на седница на Влада пред три месеци, за просторно сместување на втора институција во објектот на Филхармонија вчера беше променета.

„Во изминативе неколку месеци, освен што се боревме да си го зачуваме нашиот простор се боревме и против канонади од лажни вести и дезинформации. Не подлегнавме на притисокот, кој беше силен и интензивен, ниту пак се откажавме од нашата борба да си го зачуваме нашиот работен простор. Министерката за култура на вчерашната прес конференција повторно не нападна и побара да и се извиниме на јавноста која сме ја манипулирале во изминативе три месеци.

Јавните обраќања секогаш зборуваат двонасочно, на вашата прес конференција, почитувана министерке зборувавте за Нас, но вашата прес конференеција зборуваше и за Вас. Единствена вистина на вчерашниот прес, беше само вашата констатација дека нашите протести не беа синдикални. Се сложуваме, нашите протестите беа уметнички, а ги поддржаа и вработени кои не се членови на нашата синдикална организација, директорката на институцијата и Управниот одбор. За првпат во историјата на нашата институција на иста страна застанаа речиси сите вработени“ порачаа од „Филхармонија“.

Велат дека нема да ѝ се извинат, туку срдечно ќе ѝ се заблагодарат на јавноста за поддршката, како и на нивната публика која доаѓаше на нивните концерти и покрај отворените повици за бојкот, тие им се заблагодаруваат на луѓето од фелата и врвните музичари кои им дадоа безрезервна поддршка.

„Затоа сакаме јавно да им се заблагодариме на нашите најдобри пијанисти Симон Трпчески и Дино Имери, на поранешните директори на Филхармонија – Мелпомени Корнети, Васил Атанасов, Ганка Самоиловска Цветанова, Кармен Костова и Маја Чанаќевиќ, на диригентите Емил Табаков, Јерухам Шаровски, Конрад ван Алфен, Миријан Хухунаишвили, Габриел Бебешелеа, Џорџ Џексон, Вања Николовски – Ѓумар и Борјан Цанев, на нашиот истакнат виолинист и професор Олег Кондратенко, на претседателката на СОКОМ Валентина Велковска -Трајановска, на нашиот поранешен концерт мајстор во пензија – Румен Димитриев, на музикологот Марко Коловски, на нашите колеги од Белградска филхармонија и од Сараевска филхармонија… Овие луѓе храбро и безрезервно застанаа на наша страна, во одбрана на вистината во моменти кога сите беа свртени против нас. Им благодариме од срце!

Почитувана министерке, на крајот од ова соопштение, останува отворена нашата покана конечно да дојдете на концерт во Македонската филхармонија, а одличен повод за тоа е концертот на Белградска филхармонија во сабота. Со задоволство ве очекуваме!“ се вели во соопштението од вработените во „Филхармонија“ до министерката за култура.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“