
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја поддржа изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека на Украина ѝ е потребен нов претседател, тврдејќи дека Володимир Зеленски не покажува политичка волја потребна за завршување на војната. Еден ден претходно, Песков го обвини Зеленски дека е во состојба на хистерија, додека Москва сè уште не ја потврди објавата на Трамп дека Русија и Украина се согласиле за енергетско примирје.

„Трамп рече дека верува оти дојде време за нов претседател. Зошто? Затоа што претседателот на Украина мора да донесе многу одговорни и многу тешки одлуки за да ја запре оваа војна“, изјави Песков за руската државна новинска агенција РИА Новости, објави Комерсант.
„Или Зеленски ќе преземе таква одговорност, ќе покаже таква политичка волја, или нема. Засега не го прави тоа“, додаде портпаролот на Кремљ.
„Зеленски е во хистерија“
Песков вчера го критикуваше украинскиот претседател. Во интервју со рускиот новинар Павел Зарубин, тој рече дека Зеленски во моментов не е способен да донесува промислени одлуки. „Зеленски, се разбира, бидејќи е во хистерија, тешко дека може да донесе промислени одлуки во моментов“, рече Песков, пренесува Интерфакс.
Тој тврдеше дека украинскиот претседател, доколку е способен да донесува такви одлуки, би покажал подготвеност да води мировни преговори со Москва.
Трамп во саботата предложи Украина да има нов претседател, обвинувајќи го Зеленски дека пропуштил бројни можности за ставање крај на војната. Зеленски одговори дека Украина е подготвена да одржи избори доколку Русија се согласи на 60-дневен прекин на огнот. Избори во моментов не можат да се одржат според украинскиот закон додека е на сила воена состојба.


