Кошаркарите на Партизан поведоа со 2:0 во финалната серија од АБА лигата против Црвена Звезда, откако на вториот натпревар во „Штарк Арена“ славеа со 87:78.
Иако Црвена звезда одигра подобар натпревар од пред два дена, Партизан беше „смртоносен“ кога беше потребно. Избраниците на Жељко Обрадовиќ ги казнија сите удари што гостинот ги промаши, беа поагресивни во одбраната и првата меч-топка за титулата ќе ја имаат в недела, но во салата „Александар Николиќ“ каде домаќин ќе биде Црвена Звезда.
Мечот беше израмнет, на полувреме се замина со 44:44, а потоа со тројката на Џејмс Нанали Партизан се одлепи на +6.
Лука Вилдоза погоди тројка за надеж на „црвено-белите“ за 78:74, но потоа Митровиќ имаше две грешки во нападот, а тоа Партизан знаеше да го казни. Повторно, кобен беше Нанали со удар за три поени.
Нанали и Смаилагиќ постигнаа по 15 поени во победничкиот тим, а Недовиќ постигна 19 за Црвена Звезда.