Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прашан за лидерска средба, која преку изјави за медиумите ја најави премиерот Димитар Ковачевски, посочи дека до овој момент нема официјална покана за средба ниту, пак, се знае дневниот ред или форматот на евентуалната средба.
Мицкоски посочи дека значајно за што би требало да се разговара на таа средба е што по неуспехот на уставните измени за што сè понеизвесно е дека тие нема да се случат затоа што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да дадат поддршка.
„Она што е значајно да се каже е дека до овој момент ние официјална покана од страна на Димитар Ковачевски, како политичка партија, немаме. Ниту, пак, имаме дневен ред според кој ќе се разговара, а немаме ни предлог-формат, официјално, кој би бил таму на таа лидерска средба. Она што е значајно да се каже е што доколку уставните измени, што ги предвидува Владата на ДУИ поддржана од СДСМ, не поминат. Тоа е многу важно да се каже и треба да видиме каков е планот понатаму бидејќи ние не можеме да ја заклучиме државата, не можеме да ја заклучиме Македонија и да не знаеме што доколку не успеат. А се поверојатно е дека тие нема да успеат. Ако веќе ги најавуваат дека ќе влезат во собраниска процедура, тоа е едниот дел од планот, но доколку не успеат, а сè поизвесно е дека нема да успеат бидејќи ние како коалиција, како ВМРО-ДПМНЕ, нашата пратеничка група нема да ги поддржи. Што правиме понатаму? Мислам дека и за тоа треба да се разговара, но претходно да почекаме, да водиме кој би бил форматот, каде би било местото, кое време, кој ден. Практично, немаме ништо, освен изјави на Димитар Ковачевски во јавноста“, истакна Мицкоски.