Амбасадорот на САД во Косово, Џеф Ховениер објави дека САД ја осудуваат тековната акција на косовските власти за пристап до општинските згради на северот на Косово.
„Денешните насилни мерки мора итно да се прекинат“, напиша Ховениер на Твитер.
The United States condemns the ongoing action by Kosovan authorities to access municipal buildings in the north of Kosovo. Today’s violent measures should be immediately halted.
— Ambassador Jeff Hovenier (@USAmbKosovo) May 26, 2023
Според српските медиуми, припадници на косовската полиција денеска ги опколија зградите на општините Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, по што се огласија сирените за аларм на северот на Косово. На влезовите во зградите се собраа десетици Срби, главно вработени во привремените власти на тие општини.
Косовската полиција упадна и во зградата на општина Зубин Поток, каде се собраа граѓани во обид да ја спречат да влезе.
Припадниците на косовската полиција претходно упаднаа во зградата на општина Звечан, при што испукаа солзавец и шок бомби пред општината, каде што беа собрани граѓаните. Повредени се околу 10 лица.
Градоначалниците на Зубин Поток и Звечан, Измир Зеќири и Иљир Пеци, избрани на изборите кои ги бојкотираа Србите, влегоа во општинските згради, јавува „Репортери“.
Како што јави репортерот на Танјуг, косовската полиција започна акција за влез во зградата на општина Лепосавиќ. Претходно денеска специјалци го блокираа градот, сите приоди и излези од него, а пред општинската зграда имаше оклопни возила и специјални полициски единици за разбивање на демонстрациите.