Премиерот Димитар Ковачевски не размислува да си поднесе оставка од функцијата ако не се изгласаат уставните измени. Својот став во однос на неисполнување на европската агенда Ковачевски го кажа по денешната лидерска средба одговарајќи на новинарско прашање дали ќе си си замине од функцијата доколку до ноември не се изгласаат уставните измени.
„Не размислувам бидејќи Владата има свои ингеренции во однос на управување со државата. Обврска за уставни измени е двотретинско мнозинство. Тоа е обврска не само на Владата туку на сите општествени и политички фактори во државата, обврска на секој пратеник да донесе одлука за иднината на граѓаните. Ние овде разговаравме и во детали за тоа што значи членство во ЕУ. Видете ги Романија, Полска, Чешка, Словачка, каде беа пред влегувањето во ЕУ, а каде се денес. Порано не можеше да се замисли наш граѓанин да оди да работи во Чешка, Словачка или Хрватска за поголема плата, тоа денес е реалност. Тоа е затоа што овие земји се членки на ЕУ, ништо друго. Ние сме имале поголем стандард од нив кога сме биле дел од Југославија, а тие кога биле дел од варшавскиот договор“, рече премиерот Ковачевски.
Тој пак потсети дека една земја членка на ЕУ од фондовите на ЕУ добива 11 пати повеќе средства на жител отколку земјите кандидати за членство.
„Тоа се аргументи што одат во прилог на зачленувањето на државата во ЕУ и тој процес не може да биде заложник на ничии интереси за дневнополитичка потреба. Поради тоа, мандатот на Владата не е поврзан со гласањето за уставните измени, туку оваа Влада ќе покаже дека имаме парламентарно мнозинство, кое е европско“, рече премиерот Ковачевски.
Уште еднаш, како многупати изминативе месеци, рече дека очекува опозицијата да донесе одлука со која ќе се приклучи кон европскиот блок.