Најмалку едно лице загина во нови руски воздушни напади рано утринава врз Киев и неколку украински региони, соопштија локалните власти.
„Серијата воздушни напади врз Киев продолжува, без преседан по сила и интензитет. Ова е деветти последователен воздушен напад врз главниот град на Украина од почетокот на мај“, соопштија цивилните и воените власти на Киев.
„По соборувањето на едно летало, избувна пожар во деловна зграда, но нема повредени“, изјави на Телеграм градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Едно лице загина, а две други се повредени во воздушен напад на пристаништето Одеса на Црното Море, соопшти регионалната воена управа.
Војската, исто така, известила за напади во областа Виница во централниот дел на земјата, а локалните медиуми јавуваат за експлозии во регионот Хмелницки. Руската страна ги извршила нападите за време на посетата на високиот кинески функционер Ли Хуи на Киев.