Пирс Морган вели дека не бил свесен за хакирањето телефони додека бил уредник на „Дејли мирор“.
Судскиот процес по тужбата против сопственикот на овој таблоид, „Мирор груп њузпејперс“ (Mirror Group Newspapers), поднесена од страна на принцот Хари и неколку други личности од висок профил, почна во средата во лондонскиот Висок суд.
Принцот Хари го тужи МГН, издавачот на „Дејли мирор“ и „Сандеј пипл“, поради наводни случаи на незаконско собирање информации што се користат за новинарски приказни. Ова вклучува хакирање телефон, прислушување и „благирање“ (добивање информации под лажен изговор).
Адвокатите тврдат дека директорите на издавачот знаеле за широко распространето хакирање телефони, но не реагирале.
Говорејќи пред почетокот на судењето, Морган рече: „Никогаш не сум хакирал телефон. Никогаш никому не сум му рекол да хакира телефон“.
Случајот вклучува наводи дека издавачот на „Мирор“ незаконски собирал информации за војводата од Сасекс и голем број други познати личности за да генерира приказни.
Во писмените аргументи изнесени пред судот адвокатот што го застапува принцот Хари рече дека е „незамисливо господин Морган и другите уредници да не знаеле за новинари на МГН кои им давале инструкции на приватни истражувачи да дојдат до информации“.
Морган отсекогаш негирал какво било знаење за хакирање телефони или нелегални активности во „Дејли мирор“ додека бил уредник.
Тој беше интервјуиран од Емол Раџан од Би-би-си пред почетокот на судењето. Во интервјуто Морган нагласи дека хакирањето телефони – пресретнување пораки на говорната пошта на мобилните телефони – е сосема погрешно.
„Такво нешто не смеело да се случи. Мрзливи новинари да бидат мрзливи“, рече тој додавајќи дека нема докази оти знаел нешто за таквите активности.
Поранешниот уредник истакна дека иако имало граѓански парници, ниту еден од новинарите што работеле со него во „Мирор“ не е уапсен во врска со хакирањето.