Нотингем форест стигна до клучна 4:3 победа над Саутемптон, зголемувајќи си ги шансите да останат барем уште една сезона во Премиерлигата, и во исто време да ги зацврстат „светците“ на последното место на табелата, со малку реални шанси за опстанок на три кола пред крајот на сезоната.
Нигерискиот напаѓач Таиво Авонији беше клучен играч за тимот на Стив Купер, постигнувајќи два брзи гола во 18. и 21. минута за 2:0 водство на домаќините. Карлос Алкараз (не тенисерот), во 22. минута намали на 2:1, но Нотингем вратија предност од два гола со гол од пенал на Морган Гибс-Вајт во 44. минута. Лијанко ја врати надежта на Саутемптон во 51. минута, пред Данило во 73. минута да зголеми на 4:2, за во интересен финиш прво да биде поништен голот на Фелипе за Нотингем, за во 96. минута да биде досуден пенал за Саутемптон, кој капитенот Џејмс Ворд-Прауз го реализираше за 4:3.
Со победата, Нотингем се на 16. место со 33 поени, три повеќе од опасната зона и Лестер и Лидс, додека Саутемптон се последни со 24 поени.