Министерот за економија Крешник Бектеши се пофали дека намалените цени по мерките што ги презеде Владата довеле до намалување на инфлацијата. Од октомври минатата година, кога беше најголемиот удар со зголемување на цените на прехранбените производи кога имаше зголемување од 31,2 % според месечниот извештај, до крајот на април оваа година намалувањето на цените на прехранбените производи изнесува 14,7 %.
„Ова е поголемо намалување од зголемувањето на платите што беше направено во овој период во нашата држава. Ова е потврда дека мерките даваат резултат. Овој тренд на намалување ќе продолжи. Би сакал да упатам една порака до сите стопанственици во нашата држава, особено до производителите на основните прехранбени производи, а секако и до трговците и увозниците на овие производи, да се подготват. Моментно и цените на суровините и цените на енергентите се на ниво што овие цени може дополнително да се намалуваат од денешните“, рече министерот Бектеши.
Најави дека Владата почнува процес на консултации за дизајнирање нови мерки за најранливите категории граѓани. Истовремено, со преговорите за нови мерки Бектеши рече дека на терен ќе продолжат засилените контроли на инспекторатите.
За замрзнатите цени на некои од прехранбените производи на овошјето и зеленчукот, кои треба да се почитуваат до крајот на овој месец, Бектеши не очекува дека ќе има потреба да бидат продолжени оти очекува цените да продолжат да паѓаат. Доколку, пак, има потреба од продолжување, министерот рече дека е можно да се донесат и уште построги мерки.
Со ова темпо на паѓање на цените министерот Бектеши очекува на почетокот на јуни инфлацијата, која сега е 7,3 %, да падне под 5 %.