Утрински Весник
Македонија

(Видео) Помина рокот, ветувањето Лога остана само на зборови – дискриминацијата на Јанкулоска и затвореничките нерешен проблем

(Видео) Помина рокот, ветувањето Лога остана само на зборови – дискриминацијата на Јанкулоска и затвореничките нерешен проблем

Помина и повеќе од еден месец откако новиот министер Кренар Лога, го даде ветувањето кое не го исполнија неговите претходници – дека дискриминацијата на затвореничките во „Идризово“ ќе биде минато. Правилникот остана непроменет и по 41 ден откако јавно, на прес-конференција, вети дека тоа ќе биде сторено во рок од 31 ден. Решение нема ниту на повидок, додека затвореничките чекаат да добијат исти третман како и затворениците.

dobivaj vesti na viber

Во изминатите денови тој во медиумите беше актуелен со уставните измени, проблемите во судството, со коментари за караниците во Судскиот совет, за остварените средби – но ниту збор не кажа до каде е промената на Правилникот за затворот „Идризово“. За овој проблем има работна група која треба да ги направи измените и да ги реши дел од проблемите поврзани со дискриминацијата.

Крајот на март, Лога посочи дека работната група работи и решение за 30 дена ќе има.

„Јас верувам дека во тек на еден месец ќе имаме решение соодветно за тоа прашање“, рече Лога, а на брифингот со новинарите го објасни процесот на работа: „Првата недела имаме информации, втора конструкција, за месец дена барам решение. Не само за оваа проблематика, туку за сите работни групи. Тоа е начин на работа“.

Во интервју за „Макфакс“, директорот на „Идризово“, Зоран Јовановски, зборуваше и за други проблеми кои ги има затворот.

Пред Лога, дискриминацијата во затворот по основ на пол требаше да ја реши неговиот претходник Никола Тупанчески кој го отпочна процесот со формирање на работна група – но исход немаше. И разрешениот директор на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски кажа дека тоа е важен процес и дека Правилникот кој ги ограничува правата на затвореничките ќе биде променет, за што даде рок до февруари. Ова не беше испочитувано од министрите за правда, кои се задолжени за носење на правилникот.

Претходно, Комисијата за заштита од дискриминација констатирала дека Гордана Јанкулоска како осуденичка е дискриминирана во затворот „Идризово“ во Скопје каде издржува затворска казна од 4 години. Комисијата утврдила директна дискриминација од страна на Управата за извршување на санкции кон осуденичката од женски пол. Подносителката е ставена во понеповолна положба во однос на осудениците од машки пол во поглед на користење на дел од погодностите на осудените лица, пропишани со член 218 од Законот за извршување на санкции, е наведено меѓу другото во извештајот од Комисијата. Од таму појаснуваат дека на Јанкулоска ѝ биле оневозможени посети надвор од установата, одмор, како и работно ангажирање.

Гордана Јанкулоска и нејзиниот сопруг и адвокат, Влатко Илиевски, очекуваат државата веднаш да го промени правилникот за „Идризово“ за жените затворенички да имаат исти права и привилегии како и мажите. Адвокатот Илиевски посочува: „Освен во Авганистан, и кај нас има дискриминација по пол“. Тој очекува Гордана Јанкулоска да ги добие правата што ѝ следуваат.

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот