Вчера во зградата на Европскиот парламент во Брисел беше отворена изложбата „Заедно II“, која се организира во соработка помеѓу Министерството за култура на Република Бугарија и Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Организатор на изложбата е Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, со поддршка на европратеникот од групата „Обнови ја Европа“ и известувач во Европскиот парламент за Република Северна Македонија, Илхан Ќучук.
Специјален гостин на отворањето на изложбата беше претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.
– Европската унија и овој парламент се посветени на унапредување на долгорочните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија. И ќе продолжиме да ги охрабруваме двете страни на дијалог и работа за заедничка европска иднина. Оваа изложба има за цел да го прослави заедништвото меѓу Бугарија, Северна Македонија и Европскиот парламент, рече Мецола.
Европратеникот Илхан Ќучук се заблагодари на директорката на БГКИЦ-Скопје, Антонија Велева, која ја покрена иницијативата за изложбата и додаде:
„Овој пат треба да биде патот напред и за Бугарија и за Северна Македонија. Двете земји треба да ги продлабочат своите добрососедски односи и да се залагаат за интеграција на регионот во Европската унија. Ова е пример дека културата е мост кој обединува и не познава граници, дека културата има моќ да се издигне над сите разлики“.
Меѓу присутните беа и постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ, амбасадорот Румен Александров, како и амбасадорот на Северна Македонија во Европската Унија, Зулфи Исмаили. Двајцата истакнаа дека изложбата ја покажува взаемната волја за одржување на позитивната агенда меѓу двете земји.
– Важноста на меѓукултурниот дијалог и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија стана повидлива во последниве години. Денешниот настан е уште еден доказ во оваа насока. Заедничките вредности и наследството се составен дел од нашата иднина, рече амбасадорот Александров.
– Им благодарам и на министерствата за култура на двете земји. Уметноста е универзален јазик и треба повеќе да ја промовираме. Гледајќи ја оваа изложба непосредно пред ова отворање, го видов неограничениот потенцијал на уметноста да инспирира, предизвикува и да ги трансформира нашите перспективи, додаде амбасадорот Исмаили.
Кураторите Ана Франговска од Северна Македонија и Атанас Андасаров од Бугарија ја претставија првата заедничка изложба на двете земји пред присутните гости на свеченото отворање во зградата на Европскиот парламент.
„Заедно II“ за првпат беше претставена во Скопје на 25 ноември 2022 година, кога свечено беа отворени новите простории на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје и беше дел од годишната програма на институцијата.
Од бугарска страна на изложбата учествуваат скулпторката Снежана Симеонова со делото „Форма“ и сликарите Свилен Блажев со „Рабош“, Вихрони Попнеделев со „Триптих“, Греди Аса со „Историја“ и „Внатрешен простор“; Надежда Кутева со „Манастирот 1“ и „Градски пејсаж“ и Атанас Андасаров со „Св. Наум“ и „Персимон“ и други.
Од уметниците од Република Северна Македонија на изложбата се претставија сликарите Жанета Гелевска-Велјаноска со делото „Пејзаж“, Симонида Филипова-Китановска со „Композиција“, Илија Кочовски со „Пејзаж 2“, Александар Станкоски со „90.000 овци“, Жаклина Глигориевска-Кочовска со „Возбуда или за потеклото“, Марина Цветановска-Мартиновска со „Ни на небо ни на земја“, Дијана Томиќ-Радевска со „Цветовите на Галичник 1“, Марина Лешкова со „Галичник“ и други.