Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека денеска имал тешки средби во Брисел и дека е многу загрижен бидејќи за клучното прашање за формирањето на ЗСО, Приштина не сака да ја исполни својата обврска од пред 10 години.
„Го знаев тоа, но денеска првпат удривме во ѕид и беше јасно од моментот кога беше воведен Нацртот и начинот на кој се обидоа да ги понижат двете жени кои го направија тоа, до нивната реакција потоа, дека тоа е неприфатливo од нив“, изјави Александар Вучиќ по средбата и додаде дека од Приштина велат дека тоа не е во согласност со косовскиот устав.
Како што наведе, сите членови од Нацрт-статутот јасно се однесуваат на претходно договорени членови од 2013 и 2015 година. „Ќе слушнете безброј изговори и работи, но суштината е ова“, рече тој.
Појасни дека потоа дошле до третата точка која била еднакво важна, а тоа е „актуелната состојба по срамните и нелегитимни избори на цело Косово“.
„Како да се надмине ситуацијата, бидејќи се работи за длабока делегитимизација. ЕУ излезе со свој предлог, јас го прифатив, Приштина го одби и тој предлог. Се надевам дека до следниот круг на техничко ниво, на 11, 18 или 20 и некој мај може да има реакции од некои други кои би можеле да влијаат на промена на таквите ставови. Инаку се плашам дека сите сме во голем ќорсокак. Не сум оптимист, но можам да ветам во име на Србија дека ќе дадеме се од себе да ги зачуваме мирот и стабилноста“, рече тој.
„Се надевам дека разговорите ќе продолжат“, додаде и рече дека се надева и дека и покрај тоа што денеска стигнале до ѕид, во иднина ќе можат да прифатат некои решенија.