Утрински Весник
Спорт

Перез со малку среќа го „надмудри“ Ферстапен во Баку, апсолутна доминација на Ред бул

Перез со малку среќа го „надмудри“ Ферстапен во Баку, апсолутна доминација на Ред бул

Иако на пол-позицијата трета година по ред стартуваше Шарл Леклер во Ферари, Ред бул рејсинг покажаа дека го имаат најдоминантниот болид во шампионатот, остварувајќи 1-2 победа на Азербејџанското ГП во Баку, откако Серхио Перез имаше повеќе среќа и умешност во клучните моменти од трката пред својот колега, Макс Ферстапен.

dobivaj vesti na viber

Ферстапен го совлада Леклер уште во третиот круг од трката, а потоа истото го направи и Перез, а клучниот момент беше излетувањето на Ник де Фрис од Алфа Таури, по што следуваше влегувањето во боксот, по кое Перез излезе како прв пред Леклер и Ферстапен. До крајот на трката, Ферстапен пак лесно го помина Леклер, но немаше сили да го стигне својот колега, откако Мексиканецот се покажа како мајстор за улични трки.

Ова е шеста победа во кариерата на Чеко Перез и втора во Азербејџан и го комплетира совршениот викенд за Мексиканецот, кој вчера победи и во спринтерската трка.

Леклер мораше да се задоволи со местото на подиумот на третото место, откако возачите на Ред бул го поминаа со неверојатна леснотија – Ферстапен беше 30 км/ч побрз од него при претекнувањето. Фернандо Алонсо по трите трети места во низа, заврши како четврти за Астон Мартин, далеку пред вториот возач на Ферари, Карлос Саинс Јуниор. Во поени беа и Луис Хамилтон во Мерцедес на шестото место, Ленс Строл во Астон Мартин, Џорџ Расел во вториот Мерцедес, Естебан Окон во Алпин и Лендо Норис во Мекларен на десеттото место. Расел во последниот круг од трката го постигна најбрзиот круг и доби дополнителен поен.

Можете да прочитате

Тежок инцидент во РК Загреб, Кос го нокаутирал соиграчот Мандиќ

ФИФА го избира најдобриот: Родри, Вини или можеби Меси?

Омерагиќ официјално кандидат за претседател на ФФМ