Утрински Весник
Свет

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, во ненајавена посета на Украина

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, во ненајавена посета на Украина

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ненајавено отпатува во куса посета на Украина, пренесува „Дојче веле“.

dobivaj vesti na viber

„Генералниот секретар на НАТО беше во Украина. Ќе објавиме повеќе информации што е можно побргу“, изјави претставникот на НАТО.

„Посетата на Столтенберг на Украина е последната фаза од подготовките за состанокот во Рамштајн во Германија, каде што ќе се разговара за мерките за воена поддршка за Украина пред очекуваната контраофанзива на украинската армија“, рече тој.

Претходно утринава, украинскиот информативен портал „Страна“ ја најави посетата на Столтенберг на Киев, без да даде некакви детали, но објави фотографија од генералниот секретар на НАТО со украинските воени претставници.

Според фотографот на „Ројтерс“, пак, Столтенберг им оддал почит на украинските војници, кои загинаа во војната и ја прегледал оштетената руска воена опрема изложена на централниот плоштад во Киев.

Ова е прва посета на Столтенберг на Киев од почетокот на руската инвазија на земјата во знак на поддршка за Украина. Тој утре ќе присуствува на состанокот на контакт-групата за одбрана на Украина во воздухопловната база Рамштајн, Германија, каде што отпатува по кусата посета на Киев.

Освен важната симболика на посетата, точната причина за посетата на Столтенберг останува нејасна.

Ненајавените посети на претставници на НАТО во земјите во кои во тек се активни воени дејства се вообичаена практика.

За време на дведецениската војна во Авганистан, НАТО никогаш однапред не најави посети на своите генерални секретари на земјата, а објавуваше информации за нивните посети откога тие ќе завршат или се пред завршување.

НАТО нема официјално присуство во Украина. Како сојуз од 31 земја, алијансата обезбедува само несмртоносна поддршка – генератори, медицинска опрема, шатори, воени униформи и други материјали – за владата во Киев.

НАТО вети дека ќе ја поддржи Украина во нејзината одбрана од руската агресија. Столтенберг го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски да учествува на самитот на НАТО во јули.

Киев направи обид да се приклучи на алијансата – можност што се смета за една од главните причини за руската инвазија – откако Москва анектира четири региони на Украина под делумна руска окупација.

 

 

 

 

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња